1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерките укинати - загадувањето остана

ДТЗ
28 декември 2022

Надлежните институции ги укинаа мерките за аерозагадувањето, но смогот и натаму ги гуши граѓаните. Скопје и изутринава се најде меѓу десетте најзагадени поголеми градови во светот.

https://p.dw.com/p/4LTkS
Скопје загадување
Бесплатниот превоз и мерките укинати, но загадувањето во Скопје останаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Надлежните институции ги укинаа мерките коишто беа воведени изминатите неколку дена поради аерозагадувањето, но смогот и натаму ги гуши граѓаните. Краткорочните мерки не можат да го спасат Скопје, кое и изутринава се најде меѓу десетте најзагадени поголеми градови во светот, со индекс на загаденост - 173.  Според податоците на страницата „IQair“, воздухот е расчистен во останатите земји од регионот, со што Скопје е единствен град во Европа кој сѐ уште високо котира на листата на загадени градови.

Изутринава во 8 часот во главниот град беа измерени дури 178,2 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, што е далеку над дозволените граници. 

Министерството за животна средина и просторно планирање вчера (27.12) соопшти дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање. Од денеска не важи и одлуката за бесплатен јавен градски превоз во Скопје. 

Со дрон против загадувањето на воздухот

Куманово со свои мерки против загадувањето

Ваквата мерка ќе важи само во Куманово, каде Советот на општината донесе одлука за субвенционирање на јавниот превоз во наредните шест месеци со тенденција да продолжи и во иднина. Со оваа одлука граѓаните во наредниот период ќе можат бесплатно да го користат јавниот линиски превоз за своите потреби. Целта е да се придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето.

Препораките и мерките по препорака на Министерството за животна средина и просторно планирање беа воведени во саботата во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од неделата и во Гостивар. Со нив, од работни обврски се ослободија бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Дел од препораките беа и да се реорганизира работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, а се препорачуваше и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

#dw_BalkanBooster: „Половина населба има белодробни заболувања“

Како дел од пакетот мерки што ги презема Градот Скопје, покрај бесплатниот јавен превоз, беа зголемени и вонредни инспекциски контроли на индустријата и градилиштата и зачестено чистење на улиците и пешачките зони во надлежност на градот.