Берлин пред и по повторното обединување на Германија
Денеска кога Германија слави 34 години од повторното обединување, неодминлив е погледот кон главниот град- симболот на поделена Германија. Фото-прошетка низ Берлин: некогаш и сега.
Бранденбуршката порта
Бранденбуршката порта е една од најпознатите знаменитости на Берлин. Изградена во 1791 година, таа подоцна за време на поделбата на Германија, ја маркираше границата меѓу источен и западен Берлин. Таа се наоѓаше непосредно зад граничната линија во источниот дел на градот и беше затворена за посетители до есента 1989 година. Оттогаш плоштадот пред неа е полн со посетители.
Злогласниот затвор Хоеншенхаузен
Хоеншенхаузен служеше како централен истражен затвор на Германската Демократска Република до 1989 година. Тука беа затворани политичките затвореници кои се соочуваа со психолошка и физичка тортура. Тајниот затворски комплекс дури не се појавуваше на ниту една карта. По повторното обединување, Хоеншенхаузен конечно беше затворен и претворен во спомен-куќа отворена за посетители.
Берлинскиот ѕид
28 години, Берлинскиот ѕид го делеше градот на исток и запад. Многу луѓе загинаа обидувајќи се да пребегаат преку строго чуваните ѕидови долги 155 километри - точниот број на жртви не е познат. Галеријата Ист Сајд, најдолгото преостанато парче од Ѕидот, беше насликано од уметници од Германија и од странство годината кога се обедини земјата.
Ленин во Берлин-Фридрихшајн
Од 1970 до 1991 година, колосот од црвен гранит висок 19 метри стоеше во населбата Фридрихшајн во источен Берлин. Тоа беше скапоцен камен на круната на плоштадот посветен на советскиот лидер Владимир Ленин. Но, по падот на Железната завеса, режимот падна, а статуата беше демонтирана. Денес, Плоштадот на Ленин, како што се нарекуваше некогаш, сега е Плоштад на Обединетите нации.
Од Палата на Републиката до Берлинскиот дворец
Во поранешната Германска Демократска Република, Палатата на Републиката претставуваше симбол на моќ. Откако ги отвори вратите во 1976 година, беше седиште на Народната комора и беше домаќин на различни политички конференции. Во 2006 година беше урната, бидејќи претставуваше закана поради азбестот во неа. Берлинскиот дворец во моментов е во изградба на истата локација.
Интершоповите на ГДР
„Интершоп“ беше истакнат синџир за малопродажба во ГДР, продавница во која не можеше да се плаќа со пари од ГДР, туку само со девизи. Како резултат, стоката во голема мерка беше недостапна за многу луѓе кои живееја на Исток. Првиот Интершоп се наоѓаше на станицата Фридрихштрасе во Источен Берлин (на сликата). Денес тој плоштад е популарен малопродажен центар со кафулиња и продавници за облека.
Детски игралишта
Ништо не го отсликува безгрижното детство како игралиштата. Овие метални конструкции можеле да се најдат на речиси секое игралиште во поранешниот Исток. Денес, тие обично се направени од јаже - па затоа не боли толку многу кога младите (и старите) ќе налетаат на нив додека играат. Повеќе слики од Берлин-некогаш и сега- може да се најдат на Фејсбук: #GermanyThenNow and #BerlinThenNow.
Интерхотел Метропол
13-катниот Интерхотел Метропол на улицата Фридрихштрасе беше отворен во 1977 година. Тој беше луксузен хотел, популарен меѓу деловните луѓе, дипломатите и познатите личности. Сепак, граѓаните на ГДР без можноста да плаќаат со девизи, можеа да му се восхитуваат само однадвор. Денес, луксузниот синџир на хотели Маритим се наоѓа тука и е достапен за сите посетители - се разбира, за соодветна цена.
Стоковна куќа KaДeВe
Стоковната куќа на Западот (Kaufhaus des Westens), накратко KaДeВe, е најпозната стоковна куќа во Германија. Втора по големина во Европа, по Херодс во Лондон. Луксузната продавница е отворена во 1907 година, го преживеа уништувањето за време на Втората светска војна и остана во западен Берлин во годините кога престолнината беше поделена. Денес е популарна и меѓу туристите и меѓу локалните жители.