Бенџамин Ференц: човекот кој испиша правна историја
10 април 2023Овој човек во двојна смисла напиша историја - како американски војник кој случајно најде важен доказен материјал за Нирнбершките процеси, без кој пак за американското обвинителство ќе беше тешко да ги изведе пред лицето на правдата водечките нацисти во 1945 година. Како правник Ференц подоцна со голема пасија се залагаше за основање на Меѓународен трибунал на правдата, што конечно и му успеа во 2002 во Ден Хаг - трибунал кој е резултат на негова иницијатива и пред којшто до денес се процесираат воени злосторства, а на обвинителната клупа може да се најдат дури и претседатели на држави.
Воен ангажман во Европа
Неговиот ангажман како војник во американската армија започнува безнадежно: начитаниот апсолвент од Харвард кој студиите по право ги завршува благодарение на стипендија за исклучително надарени поединци, кариерата ја почнува како „писар” во Камп Дејвид во Северна Каролина. Во тој момент ниту знае да куца на машина, ниту умее да ракува со оружје. Чистење тоалети и подови се составен дел од неговата служба во тоа време.
Пролетта 1944 за младиот Бенџамин (Бен) Ференц нештата се менуваат драматично откако неговата борбена единица во втората светска војна е преместена во Англија. 6 јуни 1944, прочуениот “ден Д”, Ференц заедно со останатите војници се истоварува на северниот француски брег. Инвазијата на сојузничките сили во Нормандија започнува и со неа почетокот на крајот на нацистичкото владеење во Европа.
Во походот Ференц со неговата единица успева да го пробие западниот ѕид на нацистите, се бори во првите борбени редови и пролетта 1945 година на крајот на офанзивата со победничките Американци го минува мостот преку Рајна кај местото Ремаген.
Во главниот штаб на 3-тата дивизија од американската армија под генерал Патон кон крајот на војната се бараат правно искусни луѓе за да обезбедат докази за воени слосторства од нацистите. Младиот Ференц конечно ја добива задачата која му е дорасната ма неговите способности. Со криминалистички сенс Бен Ференц со својот тим систематски ги прочешлува нацистичките институции, писарниците на СС и ги посетува ослободените концентрациони логори. Тоа што ќе го најде во Бухенвалд, Маутнаузен, Дахау и други логори, ја надминува неговата способност за перцепција на ужасите и злосторствата од убиствената машинерија на нацистите.
Први налози за апсење
„Важно беше да се обезбедат доказите, листите на затворениците, имињата на задолжените за логорите и одговорните во СС", раскажува Ференц во неговите мемоари ("Секогаш зборувај ја твојата вистина", 2020 година). „Врз основа на тие материјали издадовме налози за апсење за да ги затвориме луѓето. Ги обезбедувавме доказите и веднаш се движевме кон следниот логор", се потсетува во книгата Бен.
По пат налетувале на единици на Црвената армија, кои пак по кратка постапка им пресудувале на нацистичките офицери. Во тој момент н правникот во униформа му станало јасно дека тој, како син на емигрирани унгарски Евреи, не сака одмазда, туку правда.
Првиот Нирнбершки процес против главните злосторници од војната кој започна на 20 ноември 1945 година, Ференц го доживува само како гледач. Во тој момент веќе е планирано неговото враќање во Америка во живот како цивил. „На судењата местата беа преполнети, публиката седеше горе. Но, како одминуваше време, така се празнеа и местата. Германците веќе речиси и да не покажуваа интерес."
„Ги пребаравме сите нацистички архиви"
Откако се враќа во Америка, поранешниот војник прво е невработен - ниту една адвокатска канцеларија не сака да му довери случај. Преку телеграма од Пентагон на негово изненадување е повикан кај генералот Телфорд Тејлор, одличен правник и лично од американскиот претседател Труман назначен како одговорен за Нирнбершките процеси. Тејлор го прави Ференц дел од неговиот тим за „Германија”.
„САД сметаа дека Нирнбершките процеси против 22 топ нацисти не може финални да разјаснат како такво нешто можело да се случи во цивилизирана земја како Германија", се потсетува Ференц во документарниот филм „Еден човек може да направи разлика” (2015 година). „Првата задача која ми ја додели Тејлор беше да заминам во Берлин и таму да собирам докази за суровите злосторства на нацистите."
Главно седиште на американската истражна канцеларија стана разрушениот главен град кој во меѓувреме беше поделен на четири сектори меѓу победничките сили: САД, Велика Британија, Советскиот сојуз и Франција. Секоја од нив имала свои методи на кривично гонење. Бен Ференц и неговиот тим од 50 истражители добиваат одврзани раце и обезбедуваат неверојатен обем на документи и доказен материјал од нацистичката бирократија. Пред сѐ берлинската централа на Гестапо се покажува како центар на германската темелност. “Во правен поглед беше рудник за злато”, смета Ференц.
Главен обвинител во судскиот процес против „Ајнзац-групата“
Пролетта 1947 година, еден негов соработник наидувана на три дебели регистратори во Министерството за надворешни работи во кои има досиеја заведени како „Дојави за настани во Советскиот сојуз – извештаи од Источниот фронт“. „Тоа беа извештаи од специјалните СС трупи, затскриени под навидум бесмислено име ‘Einsatztruppen’ (н.з. Акциски единици). Никој не знаеше што е тоа”, се присетува подоцна Бен Ференц. Тој веднаш ја препозна политичката експлозивност на откритието: „Изгледаа безопасно, но содржината имаше печат ‘Тајни предмети на Рајхот’“.
Овие докази подоцна стануваат правна основа за еден од најголемите процеси за убиства во историјата. На 15 септември во 1947 година Бен Ференц ги изведе своите воведни зборови. На 27-годишна возраст тој станува најмлад главен обвинител во судскиот процес против „Ајнзацгрупата“, првиот од 12-те последователни Нирнбершки процеси, спроведени од страна на САД.
Идеја за Меѓународен кривичен суд
За Ференц, син на Евреи роден во 1920 година во Карпатите и пораснат во голема беда во Њујорк, случувањата од поствоена Германија клучно влијаеле на неговото формирање како личност. Како полномошник на Конференцијата за еврејски побарувања, неуморно работи на постигнување договор за репарации меѓу Израел и Сојузна Германија, кој конечно беше потпишан во 1952 година во Луксембург. Тој и правно ги застапувал побарувањата на принудните работници, особено од Источна Европа, кои нацистите ги поробувале и експлоатирале.