1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаСоединети Американски Држави

Ќе остане ли Гугл без Хром?

СН/агенции
21 ноември 2024

Гугл доминира на глобалниот пазар со својот веб-прелистувач Хром. Американските власти сега вршат притисок за принудна продажба на Хром во рамките на судскиот процес за нарушување на пазарната конкуренција.

https://p.dw.com/p/4nEIs
Веб-прелистувачот Хром на Гугл доминира на американскиот и на глобалниот пазар
Веб-прелистувачот Хром на Гугл доминира на американскиот и на глобалниот пазарФотографија: Andre M. Chang/Zuma/IMAGO

Американското Министерство за правда и групата сојузни држави поднесоа барање до федералниот суд да го принудат Гугл да го продаде својот прелистувач Хром, што би можело суштински да го промени бизнисот на компанијата од 2 билиони долари и да ја преобликува конкуренцијата на интернет.

Барањето доаѓа по историската пресуда во август, кога американскиот суд пресуди дека Гугл ги прекршил антимонополските закони трошејќи милијарди долари за да создаде нелегален монопол и да стане стандарден пребарувач во светот. Судијата во процесот во САД им наложи на Министерството за правда и на државите кои ја покренаа тужбата да предложат решенија за корекција на тој монопол.

Дали Гугл принудно ќе мора да го продаде и оперативниот систем за смартфони, Андроид?
Дали Гугл принудно ќе мора да го продаде и оперативниот систем за смартфони, Андроид?Фотографија: Andrej Sokolow/dpa/picture alliance

Покрај продажбата на прелистувачот Хром, тие побараа од судијата да му понуди на Гугл избор: или да го продаде Андроид, својот оперативен систем за паметни телефони или да спречи Гугл да ги направи неговите услуги задолжителни на телефоните кои користат Андроид.

Доколку Гугл ги прекрши тие услови или ако предложените решенија не ја подобрат пазарната конкуренција, владата би можела во иднина да ја принуди компанијата да го продаде Андроид.

Принудената продажба на Хром и на Андроид би била едно од најнеповолните решенија за Гугл. Хром, кој беше претставен во 2008 година и е бесплатен за користење, е најпопуларниот веб-прелистувач во светот со околу 67 отсто удел на глобалниот пазар на прелистувачи, според Статкаунтер, платформа за следење на трендовите на пазарот во технологијата. Прелистувачот на Гугл е вграден во Хром.