1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Бајер Леверкузен сонува за тројна титула

ЕМФ / дв | СИД
22 мај 2024

Уште само две победи до бесмртност: Бајер Леверкузен во финалето на Лига Европа се среќава со Аталанта и сонува за тројна титула.

https://p.dw.com/p/4g762
Бундеслига Чаби Алонсо фудбал Бајер Леверкузен
Тренерот Алонсо со трофејот по завршувањето на БундеслигатаФотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Тројната круна се насмевнува. Уште само две победи до сонуваниот „трипл“ за Бајер Леверкузен. Едната ќе треба да се извојува вечерва (22.05) против Аталанта Бергамо. „Ова е неверојатно посебно, прекрасно е. Мотивацијата не може да биде поголема“, изјави спортскиот директор Зимон Ролфес пред вечерашното финале во Лига Европа.

Извонредната сезона на Бајер Леверкузен е веќе крунисана со титулата првак во Бундеслигата. За тренерот Чаби Алонсо тоа е нешто многу посебно. „Овој тим се овековечи во историјата. Вакво нешто е исклучок не само во Германија, туку и во Европа“, изјави тој фалејќи го својот тим. „Во Шпанија никогаш немало тим што останал непоразен. Се сеќаваме на Арсенал пред 20 години. И за 20 години ќе погледнеме наназад и ќе кажеме: Тоа го направивме тогаш“. Алонсо потенцира дека тимот веќе ја има „пред очи следната голема цел“ и вели дека оваа недела е „посебна“ затоа што во текот на викендот Бајер Леверкузен ќе игра и во финалето на Купот на Германија против Кајзерслаутерн. Недела која Јонас Хофман ја дефинираше вака: „Екстремно важна, но и прекрасна недела“.

Бајер Леверкузен Бундеслига првак
Бајер Леверкузен е „моментално тим во најдобра форма во Европа“, уверен е Патрик ШикФотографија: Ina Fassbender/AFP/Getty Images

Поради важноста на двете финалиња кои претстојат, прославата на титулата во Бундеслигата беше мала - без типичното туширање со пиво, без ексцесивна забава во кабината. Имаше „само“ организирана прослава со семејствата и пријателите.

Дотолку поголема ќе биде планираната прослава во БајАрена во недела. Но, прво треба да се победи Аталанта. Од гледна точка на Алонсо, „еден од најтешките противници во Европа“. Изминатиот викенд Италијанците по четврти пат се пласираа во Лигата на шампионите. Малото гратче во Ломбардија копнее по првата титула на клубот по 61 година.

Па, сепак, Бајер Леверкузен е фаворит. Бајер е „моментално тим во најдобра форма во Европа“, уверен е Патрик Шик. Ќе биде потребно трпение, како што често е потребно во едно финале. Но, ако работите се згуснат, Бајер има свои „силни страни“, се заканува Шик со оглед на головите на неговиот тим постигнати во последна минута.