1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден ѝ се закани на Саудиска Арабија со последици

ЕМФ | агенции
12 октомври 2022

Американскиот претседател Џо Бајден жестоко ја критикува Саудиска Арабија и вели дека ќе размисли за односите со водечката земја од Опек.

https://p.dw.com/p/4I47s
Американскиот претседател Џо Бајден ќе се консултира со американскиот Конгрес за следните чекори во врска со Саудиска Арабија
Американскиот претседател Џо Бајден ќе се консултира со американскиот Конгрес за следните чекори во врска со Саудиска АрабијаФотографија: picture alliance / Consolidated News Photos

Американскиот претседател Џо Бајден најави последици за Саудиска Арабија откако ОПЕК +, каде оваа земја е доминантна, најави дека ќе го намали производството на нафта. Бајден за Си-Ен-Ен рече дека ќе се консултира со американскиот Конгрес за следните чекори: „Ќе има некои последици за тоа што го направија со Русија“, рече американскиот претседател, притоа не наведувајќи детали што точно има на ум.

Минатата недела картелот ОПЕК+, на кој припаѓа и Русија, донесе одлука за намалување на производството на нафта за два милиони барели дневно од ноември (еден барел = 159 литри). Помалата понуда ќе ја зголеми цената на нафтата, што од американска перспектива ќе биде од полза за Москва, која со приходите може да продолжи да ја финансира војната против Украина.

„Не е време за здружување со Русија“

Владината портпаролка Карин Жан-Пјер ја обвини Саудиска Арабија дека работи заедно со Русија. „Ова не е време за здружување на силите со Русија“, рече таа.

Други високи американски политичари, исто така, бараат преземање мерки против Саудиска Арабија. Претседателот на Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, Роберт Менендез, се заложи за прекин на соработката со Саудиска Арабија. Целата продажба на оружје и безбедносно-политичката соработка мора привремено да се замрзнат, рече тој. САД треба да се ограничат на минимална соработка со Кралството, која треба да служи за одбрана на американските интереси, смета тој.

Демократскиот сенатор Ричард Блументал и неговиот партиски колега Ро Кана, член на Претставничкиот дом, претставија предлог-закон со кој се предвидува веднаш да се запре целата продажба на американско оружје во Саудиска Арабија за период од една година. Притоа би биле засегнати и зделките со резервни делови, услуги и логистичка поддршка од САД.

Загриженост од пораст на цените пред изборите во ноември

Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност, за Си-Ен-Ен рече дека Бајден е подготвен да разговара со Конгресот околу соработката со Ријад во иднина. Време е да се преиспита односот и да се увериме дека тој им служи на националните интереси на САД, вели Кирби. Во исто време, Белата куќа укажува дека договорите за оружје со Саудиска Арабија се важна противтежа на Иран.

Американците исто така стравуваат дека глобалната економија, веќе погодена од војната во Украина, дополнително ќе биде ослабена од намерите на ОПЕК+. Освен тоа, зголемувањето на цените на горивото непосредно пред изборите во САД во ноември, може да стане политички товар за Бајден и неговите демократи.

Американскиот претседател Бајден беше во посета на Саудиска Арабија во јули (на фотографијата со принцот Мухамад бин Зајид)
Американскиот претседател Бајден беше во посета на Саудиска Арабија во јули (на фотографијата со принцот Мухамад бин Зајид)Фотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

Путин: Се работи за стабилност

Саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан Ал Сауд, од друга страна, за телевизијата Ал-Арабија изјави дека владата во Ријад има за цел да го намали производството на нафта од „чисто економски“ причини. Рускиот претседател Владимир Путин ја пофали одлуката на ОПЕК +. „Нашите одлуки, нашите постапки не се насочени против никого“, рече тој. Според Путин, станува збор за обезбедување стабилност на глобалните енергетски пазари.

На средбата со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Саид Ал Нахјан, во Санкт Петербург, Путин за односите со Емиратите рече дека се важни за регионалната и глобалната стабилност.