1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Компаниите плаќаат мито и молчат

ДТЗ /МИА
25 јуни 2024

Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто еднаш. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено

https://p.dw.com/p/4hTot
корупција
На пет компании им биле побарани над 100 илјади евра митоФотографија: picture-alliance/dpa

Централната власт е најголем подмитувач на бизнисот. Најчесто се обидува да го корумпира индиректно, а главно му бара пари, процент од тендери, нечие вработување или унапредување, донација за политичка партија, подароци или услуги. Повеќето компании тоа не го пријавуваат. Некои стравуваат дека ќе пропаднат, а дел се сомневаат дека ќе има некаков ефект доколку алармираат за злоупотребата.  

Загрижувачки податоци 

Анкетата што ја спроведе Стопанската комора во март годинава, а се однесува на 2023 година, покажува загрижувачки податоци. На пет компании им биле побарани преку 100 илјади евра, други се пожалиле дека им биле побарани од 1.000 до 10 илјади евра, трети пак за учество на тендер добиле „непристојна“ понуда за 6 до 10 отсто од износот на тендерот. 

Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто еднаш. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено во постапка на Јавното обвинителство.  

корупција
Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција неколку пати во годината. Ниту едно коруптивно барање не е пријавеноФотографија: Colourbox/Wolfgang Zwanzger

Последици врз бизнисот 

Од оние компании што не прифатиле коруптивно барање, 48 проценти рекле дека имале последици врз бизнисот. Тоа било најзиразено преку пролонгирање на нивните активности. Според 78 отсто од компаниите коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 процента, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска и слично. 

„Две третини од компаниите се соочиле индиректно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Но, од 51 одговор, 31 компанија рекла дека ништо не презела. Дел велат дури и „нормално е нешто да се даде“, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. Според компаниите, нема пречки за да пријават корупција, меѓутоа некои не веруваат дека ќе има каков било ефект, а некои се плашат дека тоа ќе има последици врз нивното работење. Многу малку од оние што се соочиле со корупција, пријавиле, се бројат на прсти“, вели потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.

Според анкетата, 30 проценти од компаниите сметаат дека ќе пропаднат ако не прифатат мито, 35 отсто велат дека прифаќањето би им помогнало, но и дека нема да пропаднат ако не прифатат, додека 30 проценти оценуваат дека нема никакво значење дали ќе прифатат мито или не. Повеќето компании мислат дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. 

Анкетата е спроведена во март, електронски и со неа биле опфатени 138 компании.