Недостигаат работници за германските компании во Македонија
7 јуни 2023Германските компании имаат интерес за нови инвестиции и отворање на нови работни места во Северна Македонија, но најголемите предизвици со кои се соочуваат во реализирањето на нивните инвестициски планови се зголемените цени на енергијата и недостигот од квалификувана работна сила. За германските инвеститори, незадоволството од антикорупциските процеси и процедури, недоволната ефикасност на јавната администрација и скептицизмот за правната сигурност го отежнуваат долгорочното планирање на нивните активности.
Во најновата анкета за деловната клима во земјата, која што Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија АХК и Македонско-германското стопанското здружение веќе 20 години ја спроведуваат, се наведува дека 80% од анкетираните компании сакаат да ги прошират инвестициите, како и да го зголемат бројот на работните места во Северна Македонија. Но, анкетираните компании искажале незадоволство во однос на борбата со корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација. Уште едно сознание на кое укажува оваа анкета е фактот дека во последните неколку години компаниите се соочуваат со недостаток на квалификувани работници.
Перспективи
Од резултатите на анкетата може да се добие слика како германските инвеститори ја оценуваат атрактивноста на Северна Македонија во однос на условите за инвестирање во споредба со конкуренцијата. Од анкетата за деловната клима за 2023 година може да се заклучи дека компаниите повторно со позитивни оценки ја оценуваат сопствената деловна состојба, иако оценката која ја доделуваат за општата економска состојба е помалку позитивна. 22 отсто од анкетираните компании својата моментална деловна ситуација ја оценуваат како добра, додека дури 31 отсто од анкетираните компании очекуваат да има подобрување во текот на оваа календарска година, што е 11 отсто повеќе отколку во истражувањето спроведено во 2022 година.
Во однос на проценката на перспективите на македонската економија во споредба со лани, 46,67 % од анкетираните не се оптимисти дека ќе биде подобро, 44,44% сметаат дека состојбата ќе остане иста, додека само 8,89% се надеваат на подобри перспективи.
Зголемен е процентот на оние кои оваа година очекуваат подобрување на деловните резултати во сопствената компанија. Речиси половина од анкетираните компании, односно 47 отсто очекуваат зголемување на продажбата, додека пак 22 отсто очекуваат пад на продажбата. Позитивен тренд има во продажбата наменета за извоз, дури 39 отсто од анкетираните очекуваат зголемување на извозот во 2023 година, во споредба со 2022 година кога биле само 28 отсто.
Ризици
Третина од анкетираните компании сакаат да ги прошират своите инвестиции во Северна Македонија. Тоа е за 10 отсто повеќе во споредба со 2022 година. Овој позитивен тренд се забележува и во однос на новите работни места. Само 11 отсто од анкетираните очекуваат да го намалат бројот на работни места во тековната година.
71 отсто од анкетираните компании сметаат дека зголемувањето на цените на енергијата е еден од најголемите ризици за развојот на нивната компанија. Во однос на оценките за атрактивноста на Северна Македонија, анкетираните компании се задоволни од квалификацијата и продуктивноста на вработените, како и од квалитетот и достапноста на локалните добавувачи.
Германија е најважен трговски партнер на Северна Македонија и еден од најголемите инвеститори во земјата. Трговската размена помеѓу двете земји во 2022 година забележа раст и изнесува 4,8 милијарди евра. Германските компании кои работат во Северна Македонија вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во земјата. Голем дел од нив веќе ги имаат проширено своите капацитети и најавуваат дополнителни инвестиции.
Ото Граф, заменик германски амбасадор во Северна Македонија, смета дека и покрај предизвиците во стопанството, има позитивни показатели кои укажуваат на задоволството на присутните инвеститори. Ова го поткрепува и фактот што 80 отсто од анкетираните компании повторно би ја избрале Северна Македонија како локација за реализирање на своите инвестиции.