1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Бербок за ДВ: Потребна е меѓународна одговорност во Газа

21 ноември 2023

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во интервју за ДВ зборува за можната иднина на Појасот Газа. А мислењето дека Германија еднострано го поддржува Израел - го смета за вознемирувачко.

https://p.dw.com/p/4ZF8k
Berlin, Deutschland | Annalena Baerbock im Interview mit Jaafar Abdul Karim
Фотографија: Ronka Oberhammer/DW

Лесни решенија за овој исклучително тежок конфликт нема да има, смета германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

„За да се постигне безбедност, потребна е меѓународна одговорност. Тоа го знаеме од страшните војни на Западен Балкан. И таму меѓународната заедница презеде одговорност. Бидејќи, во ситуацијата каде што се случија најтешките злосторства, едноставно немаше повеќе доверба во актерите во регионот. Тоа го гледам и сега“, рече Бербок во интервјуто за телевизијата ДВ во Берлин кое го водеше новинарот Џафар Абдул Карим.

„Никој во Берлин не може да замисли како е таму“

Бербок потсети дека на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Токио пред две недели, таа рече дека не треба да дојде до повторна окупација на Појасот Газа од страна на Израел. Во тоа ја поддржа американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Појасот Газа, на брегот на Средоземното Море, Израел го држеше под окупација до 2005 година.

Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, Бербок неколкупати беше во регионот. Таа ги посети Израел, палестинските територии, но и соседните арапски држави како Јордан и Египет.

Во Израел Бербок се сретна со роднините на луѓето убиени од Хамас, како и со роднините на заложниците
Во Израел Бербок се сретна со роднините на луѓето убиени од Хамас, како и со роднините на заложницитеФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Во интервјуто за ДВ таа ги опиша своите чувства за ескалацијата на насилството. „Никој кој е тука, во тивкиот и безбеден Берлин, не може навистина да замисли што тоа значи за луѓето таму. Се сретнав со таткото и сопруг на едно од семејствата со германски пасоши кои се заложници на Хамас. Ми опиша како му ги киднапирале сопругата и двете ќерки. Тешко е да се поднесе кога ќе замислите дека тоа се ваши деца. Го имав истото чувство кога бев во Рамала и разговарав со човек чија сопруга и син единец ги загубиле животите во Газа“.

„Хамас сака да го уништи Израел“

Како што направи неколкупати досега, во интервјуто за ДВ Аналена Бербок се спротивстави на прекинот на огнот во овој момент.

„Примирјето би значело дека Израел ќе мора да преговара со Хамас за тие повеќе да не пукаат едни на други. А, под постојан ракетен терор, тоа би значело дека Израел нема да може да се одбрани. Хамас секој ден јасно става до знаење дека сака да го избрише Израел од картата. Тоа значи: тие сакаат целосно да го уништат Израел. А, во таква ситуација Израел мора да го заштити својот народ“, рече германската министерка. 

Чад над Појасот Газа по израелскиот напад на 19 ноември
Чад над Појасот Газа по израелскиот напад на 19 ноемвриФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Истовремено, како што вели, заедно со меѓународните партнери, Американците и многу претставници од арапските земји, „се трудиме да направиме сѐ“ за луѓето во Газа да имаат безбедни места каде што можат да добијат вода за пиење и лекови.

„И тоа беше она што сакав да го постигнам во Израел, да ѝ кажам јасно на израелската влада: народот во Газа мора да биде заштитен, борбата е насочена против терористичката организација Хамас, која сака да го уништи Израел, а не против цивилното население во Газа, невини луѓе, жени и деца, невини Палестинци“, рече Бербок.

„Нетанјаху мора да ја осуди изградбата на населби“

Германската министерка уште еднаш ја критикуваше изградбата на израелските населби на Западниот Брег. Тоа таа неодамна им го порача на претставниците на израелската влада на лице место: „Израелскиот премиер мора да го осуди тоа насилството на доселениците, тоа мора да биде кривично гонето, тоа е и во интерес на безбедноста на Израел. А, што се однесува до безбедноста на Западниот Брег, Израел е, исто така, одговорен за тоа ситуацијата таму да не ескалира“.

„Постоењето на Израел останува германски државен резон“

Бербок остро се спротивстави на обвинувањата на муслиманите кои живеат во Германија - дека Германија, со оглед на својата историја, посветува помалку внимание на страдањата на луѓето во Појасот Газа и окупираните територии, а повеќе на страдањата на Израелците. Залагањето за постоењето на државата Израел, како што рече, е и останува германски државен резон:

„Мојата земја, нацистичката влада во Германија, е одговорна за смртта на повеќе од шест милиони Евреи. Тоа што некои сега критикуваат дека зборуваме за поука од Втората светска војна - врз која се заснова меѓународното право за никогаш повеќе да не се случи геноцид - сметам дека е крајно вознемирувачко“.

Интервјуто со германскиот министер за надворешни работи го направи новинарот на ДВ, Џафар Абдул Карим
Интервјуто со германскиот министер за надворешни работи го направи новинарот на ДВ, Џафар Абдул КаримФотографија: Ronka Oberhammer/DW

Ја вознемирило, како што рече,  и тоа што некои муслимански здруженија во Германија го осудија нападот врз Израел на почетокот на октомври, но не сите.

„Да се ​​злоупотребува страдањето за говор на омраза - сметам дека не само што е перфидно, туку и ме боли како личност и како мајка. Германија мора да продолжи да презема доследни акции против расизмот и антисемитизмот, а тоа го вклучува и спроведувањето на кривичниот закон“, изјави германската министерка Аналена Бербок во интервју за ДВ.

 

Овој текст првично беше објавен од ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема