1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

До 3000 резервисти од САД може да бидат испратени во Европа

СН/агенции
14 јули 2023

Според наредбата што ја потпиша претседателот Џо Бајден ова е неопходно заради зајакнување на активните вооружени сили за извршување на мисијата „Атлантска решителност“ на источното крило на НАТО.

https://p.dw.com/p/4TsYr
Американски трупи на ангажман во Полска на 9 февруари, 2022 година
Американски трупи на ангажман во Полска на 9 февруари, 2022 годинаФотографија: MACIEJ GOCLON/FOTONEWS/newspix/imago images

Американскиот претседател Џо Бајден го овласти Пентагон да мобилизира до 3.000 резервисти на американската војска за ангажман во Европа, соопшти Белата куќа.

„Ги овластувам државниот секретар, секретарот за домашна безбедност и крајбрежната стража, кога не дејствуваат како служба во морнарицата, да наредат на активна должност на која било единица или поединечен член кој не е распореден никаде, да биде во служба на Командата на војската на САД во Европа. Тој број не треба да надминува 3.000 војници“, стои во наредбата Бајден. 

Исто така, од тие војници, околу 450 од поединечните резервни сили ќе бидат распоредени во Европската команда на САД. Неопходно е зајакнување на активните вооружени сили за извршување на мисијата „Атлантска решителност“, се вели во наредбата што ја потпиша претседателот Џо Бајден. Армијата на САД ја започна мисијата по илегалната анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година, со цел да ги зајакне сојузниците на НАТО со ротирање на борбено подготвени единици на источното крило на Алијансата. 

НАТО никогаш посилен

Оваа одлука доаѓа по европската турнеја на Бајден неделава, на која ги посети Велика Британија и Финска, а меѓу тие две посети учествуваше и на самитот на НАТО во Литванија.

На средбата со лидерите на нордиските земји во Хелсинки, американскиот претседател изјави дека НАТО никогаш не бил посилен.

Џо Бајден говори на пресконференција во Хелсинки на 13 јули 2023 година
Џо Бајден говори на пресконференција во Хелсинки на 13 јули 2023 годинаФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

За време на средбата Бајден ги поддржа лидерите на нордиските земји да ја покаже сѐ поголемата моќ и влијанието на НАТО против растечката закана од Русија.

„Гледаме целосна промена во европската безбедносна структура како резултат на потезите на Русија, а нордиските земји се приближија кон Западот како одговор на руските агресивни и дестабилизирачки акции“, соопшти Белата куќа по состанокот.