1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени: Беса бара поддршка за бришење на „20 отсто“

ДТЗ
1 ноември 2022

Покaната е упатена до сите партии на Албанците за да се разговара за смена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.

https://p.dw.com/p/4IvFs
Беса Биљал Касами
Беса ги кани албанските партии на средба за уставни измениФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Беса иницира средба со политичките партии на Албанците околу барањата за измените на амандманот 5 од Уставот. Заменик-претседателот на партијата, Аријанит Хоџа најави дека денеска ќе испратат покана до сите партии на Албанците за заедничка средба, на која треба да се разговара за смена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.

Хоџа вели дека на средбата може да присуствуваат и оние партии на Албанците коишто имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана. Средбата се очекува да се одржи откако ќе ги добијат одговорите од сите партии, најверојатно идната недела. 

И градоначалникот на Гостивар и в.д. претседател на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, неодамна изрази надеж дека ќе поминат уставните измени и нивното барање од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“. „Мислам дека ова прашање е веќе апсолвирано и дека има добро расположение и кај македонските и кај албанските партии. Мислам дека постои консензус за тоа. Не е достоинствено за кој било јазик да стои 20 проценти. Мислам дека е достоинствено да стои македонски и албански јазик“, рече Таравари во телевизиско гостување на Канал 5. 

парламент
Албанските партии бараат да се разговара за смена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дефиницијата „20 отсто“,  е компромис што е направен во 2001 година со цел да не ѝ се наштети на супстанцата на мировниот Охридски договор. Ахмети во неделата по партискиот состанок, рече дека дискутирале и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ дека во вистинскиот момент кога ќе има 80 гласа, „овој проблем може и да се поправи”. 

Никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ

Министерот за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи смета дека не станува збор за прашање кое ги засега само Албанците. „Не сметам дека ова треба да биде албанска етничка агенда, треба сите политички партии да седнеме и да ги разгледаме овие прашања. Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на „20 проценти“, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет меѓу политичките партии на македонскиот блок“, рече денеска Османи.

Тој на прес-конференција во Скопје потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи „ова довело до демографската трка во минатото“. „Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот“, истакна министерот за надворешни работи.

Османи е дециден дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ, со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите. „Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратешка грешка и многу штетна доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било и да е и на етничка основа, истакна Османи.

Според Османи, ова прашање треба да биде рефлексија на политичката зрелост на општеството, односно дека дошло време за овие прашања од 2001 година, во нормален процес, со политика зрелост да се направи исправка.

„Сметаме дека редно време е ова да се уреди и да се реши како прашање, бидејќи во тоа време можеби јавноста не била сензибилизирана, но сега ситуацијата е промената, луѓето веќе сфатиле дека ваков вид на отпор од страна на македонската заедница во тоа време бил беспотребен, бидејќи со тоа само се предзвикала демографска трка“, потенцира Османи.