1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алармантен недостиг на работна сила во Македонија

ДТЗ
27 ноември 2024

Македонија како „туристичка агенција“ за работниците од Непал - доаѓаат за да избегаат. Ниските плати и злоупотребите ги бркаат работниците во други земји

https://p.dw.com/p/4nTzJ
градежни работници
Недостигот на работна сила во Северна Македонија станува алартмантен. Дури 12.500 градежни работници се смета дека ја напуштиле земјата во потрага по подобра егзистенција.Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Недостигот на работна сила во Северна Македонија станува алармантен. Дури 12.500 градежни работници се смета дека ја напуштиле земјата во потрага по подобра егзистенција. Порадите малите плати тешко е да се задржат домашните работници во земјата, а големо фајде нема ниту од увозот на работна сила, бидејќи работниците од Непал, Индија, Пакистан и Бангладеш често ја доживуваат Северна Македонија само како попатна станица и шанса да заминат во Европа. 

„Македонија стана една туристичка агенција којашто ги носеше работниците од Непал, Индија, Пакистан и Бангладеш  и потоа оттука заминуваа за некоја од европските земји, кадешто заработуваат подобро отколку тука“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. 

Со тоа паѓа во вода надежта дека увозна работна сила ќе ги замени домашните работници за многу пониски плати. „Додека се ветува дека на нив ќе им се обезбедат храна, превоз и сместување, на домашните работници не сакаат да им го овозможат тоа, ниту да им платат храна во висина од 20 проценти од просечната плата, ниту пак превоз во висина на трошоците, што е навистина негативен сигнал“, е дециден првиот синдикалец. 

работници
Ниските плати и злоупотребите ги бркаат работниците во други земјиФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Ниските плати и злоупотреби ги бркаат работниците надвор 

Според Синдикатот, во Северна Македонија недостасува работа сила пред се поради ниските плати и злоупотребите на газдите. „Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија да работат во некои други држави и да градат некои други економии и тоа треба да биде најголемиот пораз за овие газди кои ја злоупотребуваат работната сила“, вели Трендафилов. 

ССМ со Организацијата на работодавачи бара решение како да се задржат  домашните квалификувани работници во земјата. Со Агенцијата за вработување, пак, се детектираат секторите кадешто недостасува работна сила. „Но, тоа што треба сите да ги загрижи е што не можете да се најдете работник што ќе работи за минимална плата, или за плата под просечната и ќе биде продуктивен“, вели Трендафилов. 

Токму ниските плати се причина што многумина се одлучуваат да заминат во еден правец. „Ако ги плаќате мизерено, тогаш можете да очекувате дека тие имаат само за билет за еден правец, а тоа е надвор од земјата“, вели првиот човек на ССМ. 

Според него, загрижувачки е што 12.500 градежни работници се иселени од Македонија поради лошите политики во изминатите години. 

Плата од еден денар 

Според податоците на УЈП, од вкупно 690.000 работници кои се приматели на плата во земјата, 25.000 примаат плата во висина на минимална плата, а 10.000 работници примаат плата од еден денар до 22.567 денари, или вкупно 37 илјади работници се до минимална или под минимална плата во земјата. 

„Но она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плико, за што не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа ја чини државата на годишно ниво околу 250 милиони евра на основа на неуплатени придонеси во Фондот“, вели Трендафилов. 

пари, денари, плата
Сојузот на синдикати на првомајскиот протест побара зголемување на сите плати, вклучително и на минималната плата на 450 евра. Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Колку ќе се зголеми минималната плата? 

Министерот за економија Бесар Дурмиши најавува дека во првата недела од декември ќе се одржи Економско-социјалниот совет на кој ќе се разговара за зголемувањето на минималната плата. Во Буџетот се предвидени пари за оваа намена, но  треба да се разговара со сите засегнати страни колкаво би било зголемувањето.

Сојузот на синдикати на првомајскиот протест побара зголемување на сите плати, вклучително и на минималната плата на 450 евра. 

„Јас сакам минималната плата да биде и 600 евра. Реално да кажеме, барањето е 450, јас сакам да биде 600 евра. Но, да ги видиме сите засегнати страни, да се отвори темата во првите денови на декември. Ќе ги чуеме сите засегнати страни, ќе ги видиме и можностите на Владата дали се предвидени толку средства и дали има можност. Ќе ги видиме и барањата на работодавачите, оти и тие се засегнати страни од ова барање и на крај ќе донесеме заедничка одлука“, вели Дурмиши.

Тој додава дека се предвидени средства за зголемување на минималната плата за околу 2.000 денари што е согласно со законското решение, според кое во март минималната плата би се зголемила за 1.600 до 1.800 денари.

Ваквото зголемување, според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, не е доволно за преживување, а зголемувањето на минималната плата нема да биде преголем товар за државниот буџет со оглед на тоа дека околу 35.000 работници земаат плата во износ на минимална или под минимална плата. 

„Ако знаете дека минималната плата во Црна Гора од 600 е на 800 евра, во Босна и Херцеговина од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 и дека синдикалната минимална кошничка изнесува 62.000 денари, тоа покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме по однос на ова прашање и мислам дека на наредната седница на ЕСС ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме за потребата од растот на сите плати, вклучително и на минималната плата“, вели Трендафилов.