1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

92-годишниот бочвар од Крушево

Арбнора Мемети
25 ноември 2024

Има 92 години и сѐ уште работи во својот дуќан во Крушево – бочварот Миле Талевски не се предава на староста.

https://p.dw.com/p/4nF0k

Миле Талевски од Крушево е еден од ретките преостанати бочвари во Македонија. Иако има 92 години, не се предава на староста:

„Јас сум петто поколение. Нашите предци се дојдени од Мало Коњари и отвориле дуќан за време на турското...“, раскажува Миле.

За изработка на бочвите тој користи даб од видот благун. Промените во животниот стил му го промениле и фокусот во производството:

„Порано оваа професија беше многу барана. Општеството сега има реорганизација на животот. Едно време цела зимница се ставаше во качиња. Каче за сирење, каче за месо, каче за изварка, каца голема за зелка. Сè се ставаше во дрвенарија. После постепено изумираше тоа. Сега претежно правиме буриња за ракија и вино. А тие други работи отпаднаа, зашто сега нема кој да молзе, мати, нема ништо од тоа.“

Миле Талевски бочвар Крушево
За изработка на бочвите Миле Талевски користи даб од видот благунФотографија: Arbnora Memeti/DW

Заинтересирани за да го научат овој занает речиси нема, вели тажно 92-годишниот бочвар:
„Младите не сакаат. Зедов јас двајца млади да ги учам овде, поседаа едно извесно време и избегаа во Скопје, велат: 'Државна работа бараме.'“

На улицата во Крушево каде некогаш, велат, имало дури 60-тина занаетчиски дуќани, само оваа работилница го преживеа времето.