20. јули 1944: Атентатот врз Хитлер
20 јули 2024Во 12:42 часот, во бараката за состаноци во главниот штаб Волфсшанце (Волчја дупка) во Источна Прусија детонира бомба. Таа треба да го убиеАдолф Хитлер. Ја поставил офицерот на Вермахтот, грофот Клаус Шенк фон Штауфенберг. На почеток загреаниот националсоцијалист веќе не гледа друг излез освен убиство на диктаторот. „Не преостанува ништо друго освен да го убиеме", им рекол неколку дена пред тоа на своите најблиски соработници.
Штауфенберг не само што е атентатор, туку е и најважен организатор на големиот пуч од конзервативните кругови, во кои спаѓаат и високи претставници на војската, дипломати и административци. Офицерот на 20 јули 1944 година ја напушта бараката во која е поставена бомбата нешто пред експлозијата и, додека лета во воен авион кон Берлин, верува дека „фирерот“ е мртов. Таму се одвива „Операцијата Валкира", првично план на Вермахтот за потиснување на можен пуч. Заговорниците кои се на клучни позиции во националсоцијалистичкиот државен апарат, сакаат „Валкира“ да ја преиначат во своја корист.
Ромел се противи
Но, Хитлер се спасува со лесни повреди. Тешката дабова плоча на масата и широко отворените прозорци на бараката поради летните жештини, го намалиле притисокот од експлозијата. И покрај тоа, на почеток преврат и не изгледа толку невозможно, кога само сите учесници би го завршиле без двоумење својот дел во „Операцијата Валкира“.
Но, има одложувања, пропусти и недоволно планирање. Освен тоа, некои од упатените, поради огромниот притисок дека ќе бидат откриени, не преземаат ништо, или дури ја менуваат и страната.
До вечерта обидот за пуч е пропаднат. Хитлер преку радиото се обраќа до нацијата и зборува за „претскажување“ што му го спасило животот. Штауфенберг и повеќе негови соучесници се уапсени и уште истата вечер стрелани. Вкупно се убиени околу 200 борци на отпорот. Историчарот Волфганг Бенц главната причина за пропаѓањето на пучот ја гледа во тоа дека „никој од познатите команданти" од тоа време, како генералот Ервин Ромел, не учествувал во него: „Најмалку еден од нив требало да застане на чело за народот да си рече: 'Аха, значи и Ромел мисли дека Хитлер е злосторник'", вели Бенц.
Впечатлив симбол
И покрај тоа, отпорот против Хитлер со случувањата на 20 јули 1944 година се стекна со впечатлив симбол. Соучесникот во заговорот на Штауфенберг, Хенинг фон Тресков, неколку дена пред нападот дошол до заклучок дека воопшто веќе не е важен успехот, туку е важно „дека германското движење на отпорот пред светот и историјата и по цена на живот, се охрабрило да го направи клучниот потег“.
Имаше и други акции, како во 1939 година за малку пропаднатиот обид на уметничкиот резбар Георг Елзер да го убие Хитлер со бомба од сопствено производство во Минхен, или пак акцијата со летоци на друштвото Бела роза, кое подоцна неоправдано падна во сенката на „доцниот, да не речам задоцнетиот отпор на конзервативната елита", како што Бенц го оценува 20 јули.
„Холокаустот не ги интересираше“
Сеќавањето на атентатот има своја историја. Долго по крајот на војната сторителите важеа за предавници. На вдовицата на Штауфенберг на почеток не ѝ ја исплатуваат офицерската пензија. Подоцна заговорниците добиваат официјален статус на херои. Сега веќе има и улици, училишта и касарни со нивните имиња. На јавните објекти на 20 јули се истакнува знамето, а во Бундесверот се случуваат прослави со свечени заклетви. Војската на демократска Германија ја велича групата на Штауфенберг.
Но, отсекогаш се слушале и критички гласови, па така биографот на Штауфенберг, Томас Карлауф, посочува дека групата дејствувала дури летото 1944 година, откако противничката војска слета во Нормандија. Штауфенберг во 1940 година, по брзите воени успеси во Полска и Франција, уште бил полетен и се радувал за тоа „какви промени се направени за кратко време!" Кај него и кај другите од отпорот имало „многу долг пат на освестување“, вели Бенц и додава дека „Холокаустот воопшто не ги интересирал." Тие сакале, бидејќи веќе се оцртувал воениот пораз, со пуч „да спасат што може да се спаси“ за Германија.
Отпор и настрана од 20 јули
Неговиот колега Јоханес Хиртер смета дека Штауфенберг не бил демократ и дека во случај на успех на атентатот сакал авторитарна државна форма за Германија. Бенц е нешто поблаг во оценките и вели дека „Германија под какви и да е околности повторно ќе станеше правна држава, но демократија по наше сфаќање, како што подоцна и беше втемелена во Уставот, не одговара на претставата на заговорниците на атентатот од 20 јули."
Многу Германци и денес кога се работи за отпорот против националсоцијализмот прво помислуваат на 20 јули 1944 година. Клаус Шенк Граф фон Штауфенберг притоа е станат лице на отпорот, но имаше и многу други херои кои се спротивставија на режимот: Евреи, комунисти, црковни лица, уметници, партизани. И, секако, и луѓе кои тивко давале отпор и чии што дела, за разлика од нападот на 20 јули, денес се паднати во заборав.