75 години по масакрот: Пораката на преживеаните деца
12 август 2019„Мајка ми и уште неколку други молеа за помилување на новороденчињата што ги држеа во рацете. Но, тие беа директно застрелани." Сирија и Адел Пардини седат во црквата во тосканското планинско село Санта Ана ди Стазема. Непосредно пред 75 годишнината од масакрот, сестрите ги споделуваат своите сеќавања од 12 август 1944 година, со децата на возраст од 17 до 26 години кои се дел од „Кампот на мирот" – мировен камп за Германци и Италијанци. Подоцна тие ја отвораат куќата на нивните родители во која Сирија Падини за последен пат ја видела мајка ѝ – како лежи со куршум во главата.
Тој 12 август 1944 година, тогаш осумгодишната Сирија со татко и трите браќа и сестри била во околната бавча со маслинки. Како што Германците се приближувале кон Санта Ана, поголемиот дел од мажите го напуштале селото стравувајќи дека ќе бидат депортирани и приморани на работа. Тие биле убедени дека на жените и децата нема да им се случи ништо.
Најмлада жртва – Ана, бебе старо само 20 дена
Адел Пардини која тогаш имала едвај пет години, во нејзиното место Колети била меѓу 25 до 30 жени, деца и стари луѓе кои германските војници ги наредиле на еден ѕид „по големина". „Јас бев меѓу најмалите", раскажува таа. Зема длабок здив и воздивнува. Војниците пукале со пиштоли и митролези. Како што телата на нејзината мајка и останатите паѓале покосени од куршумите, од тежината на едно тело се отвора врата зад неа. Нејзината постара сестра Цезира ја повлекува Адел и уште една сестра во собата зад нив – двете се само лесно повредени од куршумите.
Германците запалија сѐ и потоа се повлекоа, вели Адел Пардини. „За да излезам, морав да газам преку мајка ми. Таа лежеше до вратата." Нејзината сестра Цезира го зема малото расплакано бебе Ана од рацете на мајката и извлекува уште едно повредено едногодишно момче меѓу мртвите. Малата Ана, најмалото дете од деветте во семејството Пардини, беше стара само 20 дена. Таа имаше повреди опасни по живот, исто како и нејзината 16 годишна сестра Марија. Марија беше „целосно прострелана", раскажува Адел Пардини. Таа погледнува во децата кои ја слушаат – дел од нив се борат со солзите. „Мислам дека е доволно", вели таа во еден момент.
Енрико Пјери исто така го има преживеано масакрот на СС- трупите бидејќи едно девојче го сокрило под скали. „Имав десет години, мајка, татко и две сестри." Германските војници му го убиле целото семејство. Биле убиени и неговите баба и дедо, како и тетки и вујковци. „12 август 1944 година во Санта Ана беше вистински пекол", им раскажува тој на децата учесници во мировниот камп на средбата во Пиетрасана на Средоземното Море каде живее и денес. Оттука дел од германските војници ноќта се искачија во Санта Ана. „За три часа убија над 560 лица", вели тој постојано прочистувајќи си го грлото додека зборува.
Неколку стотици бегалци
Бројот на жртви е утврден врз основа на пронајдените остатоци од скелети и коски по Втората светска војна. Идентитетот им е утврден само на околу 400 жртви. Тоа е поради фактот што тогаш неколку стотици бегалци од околните места, бегајќи од германските војници нашле засолниште во ова планинско село. Од примирјето меѓу Италија и сојузничките сили, есента 1943 година, меѓу себе се борат поранешните сили на оската - Берлин и Рим. На нападите на италијанските партизани, германските команданти одговораат со одмазда и напади врз цивилното население во неколку места.
Населението на Санта Ана за бегалците ги отворило црквите и училиштата, домовите и шталите. Беше тешко да се хранат толку многу луѓе, се потсетува Енио Манцини. Тој самиот, во тоа време на само шест годишна возраст, уживал да си игра со толку многу деца, последно на 11 август на местото пред црквата. Следното утро таму веќе биле германските војници. Ја истерале фамилијата Манцини од нивната куќа во населбата Сенеро, едвај облечени, без обувки по стрмната планина. „Брзо, брзо", вика денес 81- годишниот старец со рапав глас на германски. Потоа дошол моментот кога останале сами со еден војник. Тој им дал знак да бегаат. Потоа се слушнале истрели. Преплашени се свртеле да видат што се случува, се потсетува Енио Манцини. Виделе дека всушност пука во воздух и така избегале.
„Тука не може да си играш"
Други војници убиле стотици луѓе, меѓу кои и најдобрите пријатели на Енио, Велио и Вилма. Само на местото кај црквата биле застрелани преку 100 лица, потоа биле покриени со клупи и мебел од црквата и така запалени. Германците го напуштиле Санта Ана околу 10 часот. „Тие пееја." До тој ден војната за децата во зафрленото местенце Санта Ана била само звук што го слушале од далеку, авионите на сојузниците, кои бомбардирале германски пунктови. „Потоа видов изгорени мртви луѓе, насекаде се чувствуваше мирисот на изгорено месо и тогаш сфатив што е војна."
Да се биде дете, да се смееш, да си играш потоа веќе не било можно, се потсетува Манцини. „Нашите мајки ни довикуваа: тука не можеш да си играш, тука имаше масовна гробница." Сите биле многу тажни, се бореле за преживување. Пет години подоцна бил запишан на интернат во Пиза. „Тоа беше времето кога ми завршија кошмарите."
„Со омраза не се стасува никаде"
На почеток ги мразеле Германците, раскажуваат Енио Манцини и Енрико Пиери. За масакрот се молчело. Процес против сторителите имало само во Италија, но и таму дури 60 години по случувањето и без последици за осудените кои и натаму си живееле и починале во мир во Германија. „Со омраза не се стасува никаде", велат преживеаните. За сторителите повеќе сакаат да ги употребуваат називите фашисти и нацисти отколку Германци.
Манцини и Пиери живеат во склад со нивните убедувања преку активности со кои се потсетува на настаните и се едуцираат младите луѓе „за да видат што сѐ може да се случи". Пиери во 60-тите години работел во Швајцарија. „Но, никогаш не сум го напуштил Санта Ана." Кога во 1970 година му се родил синот Масимо, решил „да го запише во германофонско училиште". Тој се надевал дека со меѓусебно разбирање ќе може „да создадат нова Европа". Во многу нешта се успеало, но новите антиевропски тенденции - меѓу другото и во Италија - го загрижуваат: „Денес сме на една точка каде што се соочуваме со опасноста да ја изгубиме Европа."