1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години на ЦСУ - 60 години успешна историја за Германија

Зоран Јордановски4 декември 2005

Без вообичаената доза на помпа Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Минхен ја прослави 60 годишнината од постоењето

https://p.dw.com/p/Acbh
Штојбер и Меркел
Штојбер и МеркелФотографија: dpa

Со порака за сплотеност, неопходна за донесување на претстојните тешки решенија, јубилејот на помалата сестринска партија го поздрави Ангела Меркел, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Соработката секогаш ги красеше партиите на Унијата, па и во најтешките ситуации се изнаоѓаше решение, рече Меркел на свеченоста во Минхен. „Ние сите знаеме дека не можеме едни без други, иако меѓу нас не оди секогаш се’ едноставно. Тоа се 60 години успешна историја за Германија. Срдечни честитки на Христијанско-социјалната унија“.

ЦДУ и ЦСУ во изминатите децении поминаа неповторлив политички пат, истакна Меркел: „Овде без ограничувања велам: во случај на дилеми, смелоста за контроверзи кај социјал-христијаните е уште посилно изразена, отколку кај ЦДУ. Ние често пати учевме од тоа. Понекогаш можеби и ве зачувавме од најлошото, со тоа што по малку ве ублажувавме. Но, без смелост за контроверзи, без смелост за јасен јазик, не оди. И кога веќе ништо нема да биде јасно кажано, тогаш секогаш доаѓа јасен тон од Баварија. Тоа не предизвикува секогаш моментална благодарност, но ако подвлечам линија би рекла – тоа се докажа во шеесетте години“ – нагласи Меркел. Според неа, ЦДУ и ЦСУ се партии на реформи. Со оглед на големите предизвици, на обете партии им е потребна сила за интеграција. Тоа што е овде како канцелар, е благодарение и на ЦСУ, истакна Меркел.

Едмунд Штојбер зборуваше за рецептот за успех на ЦСУ: „Тоа што ни успеа да воспоставиме идентитет на Баварија и ЦСУ, е најголемото постигнување на партијата. Од тоа расте внатрешната сила и самоувереност за Баварија, во Германија и Европа“. Штојбер го нагласи важењето на основните вредности од партиската програма: „Христијанската политика и вредности остануваат мерило на нашата политика. Фундаментот на христијанските вредности е јадро на нашата програма“.

Врз прославата се провлекуваше сенката од цик-цак политиката и неочекуваното откажување од министерска функција во сојузната влада на претседателот на партијата Едмунд Штојбер - потег кој предизвика бранувања што уште не се докрај смирени. „Како луѓе не сме ослободени од грешки. Од тоа никој не може да се изземе, тоа важи и за мене“ – рече Штојбер не осврнувајќи се директно на настаните.

60-годишниот јубилеј преку видео порака на ЦСУ му го честита и вицеканцеларот и поранешен шеф на Социјалдемократската партија (СПД) Франц Минтеферинг. 60 години е добра возраст, „но 142 години социјалдемократија се богатство со што секогаш ќе предничиме пред вас. Поради тоа, послушувајте не по малку“ – рече Минтеферинг.