ЕУ: 300 милиони дози од вакцината на „Фајзер’ и „Биoнтек“
11 ноември 2020За граѓаните на Европска унија, набрзо по официјалната дозвола за пуштање во употреба, на располагање би требало да им биде вакцината против коронавирусот, која заеднички ја развија фирмите „Бионтек“ и „Фајзер“.
Како што објави германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на информации од Еврокомисијата во Брисел, договорот со двете фармацевтски компании е готов. Веќе денеска Европската комисија има намера да го склучи договорот за испорака со производителот на вакцини во Мајнц, „Бионтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“, за до 300 милиони дози на вакцини, најави претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен. „Ова е најперспективната вакцина досега“, рече таа во Брисел.
Најветувачката вакцина
Претходно политичарот од германската Христијанско-демократска унија и лидер на Народната партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, најави „скоро потпишување на договорот“.
На почетокот на неделата двете фирми претставија ветувачки резултати од испитувањето кои покажаа 90 процентна ефикасност на вакцината БНТ162бт во одбрана од вирусот Ковид-19 и многу ниско ниво на нуспојави. За целосен имунитет протребно е да се примат две дози од вакцината.
Повеќе:
-Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна
-Германија: Кој, кога и како ќе биде вакциниран против коронавирус
-Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот
Предвидено е сите 27 земји членки на ЕУ истовремено да примат испораки на вакцината. Германија, како што вели министерот за здравство Јенс Шпан, како голем фармацевтски пазар би можела сама да склучи договор, но Берлин, заедно со Франција, Италија и Холандија, силно се залагале за тоа да се преговара на ниво на Европската комисија, бидејќи така и помалите земји во ЕУ ќе имаат подобри услови кога е во прашање пристапот до вакцината.
Забрзан процес за добивање дозвола за употреба во САД
Меѓутоа, властите сѐ уште ги немаат издадено потребните дозволи за пуштање на вакцината во промет. „Бионтек“ и „Фајзер“ најавија дека веќе наредната недела во САД сакаат да започнат постапка за забрзано добивање на дозволата.
Германскиот министер Шпан потсетува оти процедурата за издавање на дозвола за лекови во ЕУ и во САД е различна.
Поинаку во ЕУ е тоа што сега не се собираат сите релевантни податоци па дури потоа да се тргне во процес на проверка на исполнетите услови за издавање на дозволата, туку овој процес ќе се случува паралелно. Значи, „Бионтек“ и „Фајзер“ се во постојан контакт со државните установи, што го забрзува поцесот.