300 милијарди долари годишно за спас на климата
25 ноември 2024Последните часови од секој самит на ОН се секогаш најдолгите, но и најважните. И во Баку беа потребни неколку продолжувања од вкупно ден и половина по планираниот крај на конференцијата додека да се разјасни најважното прашање, иако не на општо задоволство: во следните десет години развиените земји треба да издвојуваат вкупно 300 милијарди американски долари годишно за заштита на климата и потребната адаптација на последиците од климатските промени.
Тоа што се бараше, и што науката го смета за неопходно, е повеќе од четирикратно поголема сума од договорената. Во Баку повторно се покажа дека климатските конференции функционираат според специфична шема, а локацијата како ретко кога одговараше на текот на преговорите. Две недели министри, активисти, шефови на држави и преговарачи брзаа од еден состанок на друг, низ темните тунели на Олимпискиот стадион во Баку, од преговори до дебатни панели. Во катакомбите на стадионот нема прозорци, ниту пак дневна светлина. Но, има бескрајни раскрсници и врати каде може да завршите во ќорсокак.
Истото важи и за преговорите на конференцијата, бидејќи тешко дека можеа да бидат пожилави и подезориентирани. Дури доцна во саботата (23.11) се појави светло на крајот од тунелот. На моменти, островските држави и најсиромашните земји ја напуштаа просторијата за преговори во знак на протест. Германската државна секретарка и специјална пратеничка за климатски промени, Џенифер Морган, исто така, ја напушти просторијата. Ништо не функционираше. Не се водеа преговори, дури ни најискусните делегации не знаеја каква е моменталната состојба.
„Веќе ништо не функционира“
Ситуација која предизвикува пропаст на конференции за климата. „Ништо веќе не функционира“, рекоа за ДВ претставници на една земја во развој. Времето работи против нив. А, тоа се однесува на земјите кои од климатската конференција се надеваа на значително поголема поддршка во заштитата на климата - земјите од глобалниот југ.
Значи, се работеше за пари, значително повеќе пари отколку што досега беа исплатувани на земјите во развој. Првенствено индустријализираните земји се оние што треба да плаќаат бидејќи тие се главно одговорни за глобалното затоплување поради емисиите на стакленички гасови, а со тоа и за климатските промени. Парите треба да ги добијат земјите во развој кои особено страдаат од суши, поплави, бури и пораст на нивото на морето. Трошоците од овие климатски влијанија често ги надминуваат нивните финансиски можности.
Темата за пари е секогаш тешка, дури и на овогодинешната климатска конференција. Но, сега е постигнат договор за ново финансирање за заштита на климата.
Што содржи договорот од Баку
Усвоениот „пат од Баку до Белем за достигнување 1,3 илјади милијарди“ е минимален консензус со кој тешко дека некоја од засегнатите страни ќе биде среќна, дури и ако индустријализираните земји всушност трикратно ја зголемат помошта за климата за посиромашните земји. Како крајна цел се наведува сумата од 1,3 илјади милијарди долари, но, покрај индустријализираните земји, треба да учествуваат и банки за развој и приватни извори на пари.
„Умешноста на преговарањето е да се најде вистинскиот компромис што никој активно не го отфрла“, изјави за ДВ, Со Ли Шуо, директор на Кинескиот климатски хаб на Институтот за општествена политика на Азија. „Никогаш нема да се работи за наоѓање цифра што сите со цело срце ќе ја прифатат“, додава Шуо.
Всушност, многу земји во развој се огорчени од конечната декларација. „Ние, особено ранливите земји, сме во сосема поинаква ситуација во споредба со индустријализираните земји“, вели Седрик Шустер, претседател на групата од Самоа. „По завршувањето на конференцијата, буквално ќе потонеме. Дали го разбирате тоа? Не претерувам кога велам дека нашите острови тонат!“, предупреди тој.
Наука: „Повеќе пари за климата е еднакво на поголема климатска стабилност“
Притоа, бројките на науката зборуваат сами за себе. Извештајот на група економисти, што се појави за време на овогодинешната конференција во Азербејџан, предупредува од доцнење и неисполнување на целта за финансирање затоа што тоа би значело „пострмен и потенцијално поскап пат кон климатска стабилност“. „Колку помалку светот постигнува сега, толку повеќе ќе треба да инвестираме подоцна“, се вели во извештајот.
Инвестициите во сите области на заштита на климата мора да се зголемат во сите земји. До 2030 година ќе бидат потребни просечно 6,5 илјади милијарди долари годишно за да се постигнат климатските цели во индустријализираните земји, Кина и најнеразвиените земји.
Покрај заштитата на човечките животи од климатски катастрофи, студијата за финансирање на климата се однесува и на економските придобивки што можат да ги понудат брзите инвестиции во заштитата на климата. Се работи и за тоа како најдобро да се распределат парите. Африканските земји, на пример, имаат околу две третини од најевтините локации за користење на соларна енергија во светот, но тие добиваат помалку од два отсто од глобалните инвестиции во обновлива енергија годишно.
Кој треба да плати за заштита на климата?
Досега развиените земји заедно плаќаа 100 милијарди американски долари годишно за меѓународно финансирање за климата. Богатите земји сакаат големите и финансиски силни емитери, како Кина и Саудиска Арабија, исто така да учествуваат во тоа. Според дефиницијата на ОН, овие држави сѐ уште официјално се сметаат за земји во развој и не спаѓаат во групата земји донатори, па оттаму досега не мораа да преземат никакви задолжителни обврски во врска со финансирањето на климата.
Кина, за која многумина се надеваа дека може да преземе поважна улога во меѓународната климатска политика, досега укажуваше на своите доброволни плаќања. Кина, според сопствени наводи, од 2016 година обезбедила околу 24,5 милијарди долари за климата. Претставници на еколошките организации, исто така посочуваат дека Кина придонесува многу за глобалната заштита на климата и преку самото масовно проширување на обновливите извори на енергија во земјата. Според Меѓународната агенција за енергија, една третина од глобалните инвестиции во обновливите извори на енергија се од Кина. Но, и ниту една земја не испушта толку многу стакленички гасови како Кина.
Компензација за јаглерод - загадувачите може да се искупат
На контроверзните пазари на јаглерод, преговарачите постигнаа договор што ќе им овозможи на земјите што загадуваат да платат компензации за јаглерод. Поддржувачите велат дека новите правила ќе ги зголемат инвестициите во земјите каде што главно се поставуваат проекти за јаглерод. Критичарите пак велат дека компензацијата може да се искористи за прикривање на климатските цели.
„Овие одлуки беа донесени зад затворени врати“, изјави за ДВ Тамра Гилбертсон од Индигенската еколошка мрежа. „Знаеме дека други пазари на јаглерод целосно потфрлија во борбата против климатските промени и емисиите“, вели таа.
Сите зборуваат за пари, но што е со издувните гасови?
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените на официјалниот последен ден од конференцијата истакна дека „финансирањето на климата не функционира без намалување на CO2“. Таа предупреди дека последиците и штетите предизвикани од климатските промени веќе не може едноставно платежно да се компензираат доколку не се запре прегревањето на земјата на околу 1,5 степени.
На конференцијата за климата минатата година беше договорено постепено збогување од фосилните горива. Сепак, таканаречените Like-Minded-земји, вклучително и Кина и Индија, како и африканските преговарачки групи, сакаа да се концентрираат на целта за финансирање од самиот почеток на конференцијата во Баку.
„Ние сме земјите кои најмногу тежат на вагата“, вели Тина Стеге, ополномоштеничка за климатски прашања од Маршалските Острови. „Ранливите мали островски држави и најмалку развиените земји ќе ја платат цената за тоа. Тие немаат сигурност, дека смешната сума која тука се нуди, навистина ќе им биде од корист“, нагласува таа.
Овој текст првично е ообјавен на ДВ на германски јазик