2019: Годината низ фотографии
Протести, тероризам, пожари и драмата околу Брегзит- настани кои ја обликуваа 2019 година. Климатските промени беа главна грижа, но социјалните прашања и растечката омраза беа исто така присутни.
Лизгање на земјиште
Работниците во рудникот Брумадињо во Бразил ручаа кога блиската брана колабираше, Тоа предизвика лизгање на земјиштето кое однесе 250 човечки животи. Последиците за животната околина беа ужасни. Одговорноста ја презеде рударската компанија, Вале, која ќе мора да плати отштета. Истрагата се уште трае.
Љубовта ја победи омразата
Во март, десничарски екстремист уби 50 луѓе во две џамии во градот Крајстчрч, Нов Зеланд. Но граѓаните не ги прифатија поделбите и се обединија како никогаш дотогаш. Премиерката Јасинда Ардерн ги тешеже жртвите и веднаш презеде мерки, заострувајќи ги законите за оружје. Низ целата земја беа предадени околу 37 илјади парчиња оружје.
Инферното во Богородичната црква
Висока 69 метри, долга 130, и стара околу 850 години: ова се основните податоци за Богородичната црква (Нотр Дам) во Париз. Но тие податоци не можат да ги откријат нејзините вистински квалитети и вредност. Од 15 април кога пожар ги уништи кровот и голем дел од интериерот, најпознатата црква во Франција е непрепознатлива. За реконструкцијата ќе бидат потребни години.
Велигденските напади
Серија експлозии го потресоа главниот град на Шри Ланка, Коломбо за Велгиден. Бомби беа детонирани во цркви и хотели од страна на исламски терористи, кои наводно сакаа освета за нападите врз џамиите во Нов Зеланд. Повеќе од 250 луѓе беа убиени. Оттогаш во земјата драматично се зголемија тензиите меѓу заедниците.
Чадори и гас маски
Од јуни годинава ништо повеќе не е исто во Хонг Конг. Стотици илјади луѓе протестираа против растечкото влијание на Пекинг врз нивниот град. На почетокот тие бараа повлекување на законот за екстрадиција, но во меѓувреме протестите прераснаа во демократско движење кое се бори за човекови права и владеење на правото.
Чекајќи го Брегзит
Изминаа три датуми за Брегзит: 29 март, 30 јини и 31 октомври. Обединетото Кралство се уште е членка на ЕУ, а заминувањето сега е закажано за 31 јануари.Сепак имаше едно збогување: премиерката Тереза Меј поднесе оставка во јуни по неуспешните обиди да го протурка договорот за Брегзит во парламентот, а таа обврска му ја препушти на Борис Џонсон.
Грета во главна улога
Во 2019, шведската тинејџерка Грета Тунберг успеа да го врати фокусот врз потребата за поголема заштита на климата. Откако со блод го мина Атлантикот за да присуствува на Генералното собрание на ОН, на лидерите им порача: „Како се осмелувате? Како се осмелувате да правите толку малку за запирање на глобалното затоплување?“ 16-годишната стана и цел на напади на негирачите на климатските промени.
Светот гори
Во текот на целата година, шумските пожари беснееја во Русија, САД, Австралија... И доколку поголемиот дел беа поврзани со климатските промени, оние во Бразил многумина му ги ставаат на душа на претседателот Жаир Болсонаро. Десничарскиот радикал постојано ги охрабрува земјоделците да си ослободат повеќе простор. Еколошките последици се катастрофални.
Шокот на Јом Кипур
На најголемиот еврејски празник, само среќата и една блиндирана врата ги спасија верниците од масакр во синагогата во германскиот град Хале. Откако не успеа да ја пробие вратата, неонацистот застрела еден случаен минувач и еден гости во блискиот имбис. Инцидентот повторно ја отвори дебатата за десничарскиот екстремизам и анти-семитизмот во Германија.
Трамп ја напушти Сирија
Војната во Сирија влезе во својата осма година. Клучните настани годинава се случија во октомври, откако претседателот на САД најпрво ги повлече американските трупи, овозможувајќи и на Турција да изврши инвазија на североистокот. Тоа речиси предизвика војна меѓу Русија и Турција, додека Путин и Ердоган не се договорија. Настрадаа Курдите.
Превирања во Јужна Америка
Годината ја одбележаа масовни протести во повеќе држави во Латинска Америка. Во Боливија, демонстрантите го урнаа претседателот Ево Моралес. Во Чиле, поради протести претседателот Себастијан Пињера мораше да ја откаже светската климатска конференција која потоа се одржа во Мадрид. Насилството во Венецуела и натаму не стивнува.
Венеција под вода
Славниот италијански град е навикнат на поплави- но годинешната е меѓу најлошите. Нивото на водата достигна 187 сантиметри над нормалното ниво. Градоначалникот Луиџи Брунаро вели дека штетата од „поплавата на векот“ надминува една милијарда евра. Поради глобалното затоплување и растот на нивото на морињата, Венеција е пред голема опасност целосно да се најде под вода.
Ни импичментот не го потресува
Конгресот на САД изгласа отповикување за претседателот Доналд Трамп во декември, обвинувајќи го за злоупотреба на функцијата. Трамп барал од Украина истрага за неговиот ривал Џо Бајден во замена за финансиска и воена помош. Но, Трамп нема од што да се плаши се додека неговите Републиканци го поддржуваат во Сенатот, каде партијата ужива големо мнозинство.