130112 Kroatien Unabhängigkeit
15 јануари 2012На 25-ти јуни 1991-ва година Хрватска и Словенија ја објавија независноста од СФРЈ. Следеа воените напади на ЈНА врз хрватските градови, Хрватска се најде во војна. Во тогашната Европска заедница се водеа жестоки дискусии околу тоа дали е подобро двете поранешни југословенски републики да бидат признати за независни држави или не.
Додека Французите и Британците имаа задршки и се залагаа за реформа на сојузната држава Југославија, Германија заговараше независност на Словенија и Хрватска.
„Се залагавме за признавање, зашто народите имаат право на самоопределување“, се сеќава германскиот европратеник Елмар Брок.
„Токму ние Германците знаеме од искуство дека правото на самоопределување, кое водеше до германското обединување, го имаат и другите држави како Хрватска и Словенија“, истакнува Брок.
Конечно, германскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер успеал во залагањето: на 15-ти јануари 1992-ра година Словенија и Хрватска меѓународно беа признати за самостојни држави. Но, тоа не значеше и крај на војната.
Независна и-во војна
Во тој момент околу една третина од Хрватска беше заземена од бунтовните Срби, кои беа поддржувани од ЈНА. Тие не сакаa да живеат во независна Хрватска, туку заедно со Србите од другите југословенски републики-во заедничка држава. По признавањето дојде привремено до запирање на воените судири во Хрватска, а запоседнатите области се најдоа надвор од управата на централнатa власт во Загреб.
Тоа долго време беше прчина што ЕУ не сакаше да започне преговори за прием во членство со Хрватска. Не се преговара со држава која делумно е под окупација, гласеше аргументот на Брисел. Кога Хрватска во 1995-та година со воена акција повторно ги поврати окупираните области, тоа беше искористено како обвинение против хрватското раководство. Следеа обвиненија против хрватските генерали пред Хашкиот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, но Хрватска не сакаше да ги израчи, не ги сметаше за злосторници, туку за херои на „татковинската војна“. Хрватска се‘ повеќе се оддалечуваше од ЕУ и тонеше во изолација. Дорис Пак, европратеничка уште од 1989-та година, смета дека „ЕУ предолго ја остави Хрватска на маргините“.
Дури по смртта на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, кој и во странство важеше за авторитарен и националист, како и по смената на владата во 2000-та година и доаѓањето на власт на коалиција на центарот и левицата на чело со премиерот Ивица Рачан, Хрватска повторно најде приклучок кон Европа. Во октомври 2005-та година започнаа официјалните прeговори за прием во ЕУ, а шест години подоцна, во декември 2011-та, во Брисел беше потпишан договорот за прием.
Референдум за членството во ЕУ
Во овој период Хрватска „се разви од авторитарно водена држава во насока на жива демократија“, вели Ханес Свобода, известувач за Хрватска во Европскиот парламент. Тој верува во цврстата закотвеност на демократијата во Хрватска. Тоа го покажаа и најновите избори во декември, на кои коалицијата предводена од социјалдемократите ја замени претходната христијанскодемократска влада.
Во Брисел постои надеж дека хрватското искуство ќе доведе и останатите држави од Југоисточна Европа во ЕУ. Зашто, „Европа не е завршена куќа, дојдете и градате ја и вие“, гласи пораката на европратеничката од Зелените, Франциска Братнер, која во времето на признавањето на Хрватска имала 11 години.
Британскиот европратеник од Либералите, Греам Ватсон, кој сака во Хрватска да ги помине последните денови пред референдумот, има исто така јасна порака, пред се‘ до неопределените Хрвати: „Европа не е перфектна, но таа е најдоброто што сме го пронашле, а тоа функционира“. Конечната одлука за иднината на Хрватска меѓутоа лежи во рацете на самите Хрвати, а како ќе гласи таа, ќе се знае наскоро: на 22-ри јануари во Хрватска ќе биде одржан референдум за членството во ЕУ. Според последните анкети на јавното мислење, расте бројот на евроспектичари, моментно само 51 процент од граѓаните се за влез на земјата во ЕУ.
Автори: Ален Леговиќ/ Зоран Арбутина/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска