18 години од масакрот кај сараевскиот пазар
28 август 2013За време на војната од 1992 до 1995 година Сараево секојдневно беше под оган од артилериско и друго оружје на поранешната Војска на Република Српска (ВРС). На мета на силите, лојални на претседателот на Република Српска Радован Караџиќ, често беа цивилите во редиците за вода или хуманитарна помош, децата во парковите или на игралиштата. Според тврдењето на сведоците, гранатирани се дури и гробишта за време на погреби, пазари, библиотеки, спортски објекти, главните градски сообраќајници и возила од јавниот превоз.
Под оган беа речиси сите простори во градот на кои се собираа цивили, патишта на кои се движеа цивили во потрага по храна. На мета на артилеријата на ВРС често беа и болниците, училиштата, а гранатирани беа и домови за деца без родители. Многу случаи на „тероризирање“ на Сараево се опишани во обвиненијата кои обвинителството на Хашкиот суд ги подигна против поранешните припадници на ВРС, вклучувајќи го и командирот на силите на босанските Срби, Ратко Младиќ.
Болни сведоштва
Според наодите на истражните комисии, вклучувајќи ја комисијата на УНПРОФОР, на 28 август 1995 година од позициите на Сараевско-романискиот корпус на поранешната ВРС се испукани неколку минофрлачки гранати кон потесното градско јадро (на насловната фотографија е Маркале по првиот напад во февруари 1994 година). Една од нив експлодира пред градскиот пазар и усмрти 43, а рани повеќе од 84 цивили. Меѓу убиените е и 17-годишниот Аднан Ибахимовиќ, се сеќаваат пријателите на неговото семејство.
„Неговото тело висеше на оградата кај трамвајските шини. Тој ден не се јавуваше, иако имаше обичај да се јави. Најпрво го баравме во Воената болница, но таму го немаше на списокот на ранети и починати. Дури подоцна го пронајдовме неговото тело во мртовечницата. Имаше 17 години кога беше убиен“, вели Мехмед Мешиќ.
Граната произведена во Србија
Минофрлачката граната, со која беа убиени и ранети десетици граѓани, била произведена во фабриката Крушик во Ваљево, Република Србија, две години претходно. Тоа го посведочи тогашниот истражител на босанското МВР Емир Туркушиќ за време на судењето на Ратко Младиќ. Иста ознака како на таа граната – КВ-9307, имаа и уште четири гранати кои тој ден експлодираа во близина на пазарот Маркале.
И поранешниот член на командата на УНПРОФОР во БиХ, Дејвид Харланд, кој беше сведок на обвинителството во процесот против поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ, потврди дека силите на „босанските Срби“ вршеле „цивилни напади на Сараево“ за да ги тероризираат цивилите.
„Тогаш рековме дека не знаеме кој ги фрлил тие гранати, за да ги прикриеме плановите за воена интервенција“, изјави Харланд.
Масакрот на градскиот пазар на 28 август 1995 година беше последното големо злосторство на следбениците на Караџиќ во опколеното Сараево. Потоа следуваше операција на НАТО „Намерна сила“. Воено-политичкото раководство на Република Српска беше присилено на деблокада на Сараево и повлекување на артилеријата од позициите околу главниот град на БиХ. Потоа следуваа воени операции на Армијата на БиХ и на Хрватскиот совет за одбрана, што во комбинација со меѓународниот притисок доведе до Дејтонскиот договор.