1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

15 загинати во бродската несреќа во Охрид

5 септември 2009

15 загинати, 5 повредени, 3 исчезнати и 50 преживеани е билансот од потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското езеро, во близина на автокампот „Елешец“, потврди министерката за внатрешни работи, Јанкулоска.

https://p.dw.com/p/JSpf
Акцијата за спасување е во текФотографија: MIA

На бродот, во моментот на несреќата, имало 73 патници, повеќето бугарски туристи, иако тој имал дозвола за превоз на максимум 45 лица. Телата на петнаесетте загинати се пренесени во охридската болница каде што треба да биде извршена обдукција. Петтемина повредени, меѓу кои и капетанот на „Илинден“, 23 -годишниот Сотир Филев се хоспитализирани, а по тројцата исчезнати се трага. На местото на несреќата поладнево пристигнаа македонскиот претседател Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. На местото на несреќата се и претставници на Амбасадата на Бугарија во Скопје, а како што јави аганицијата БТА, за Охрид итно со авион заминал и бугарскиот премиер Бојко Борисов, заедно со лекарска екипа.

Туристичкиот брод „Илинден“ се преврте на околу 200 до 300 метри од брегот. Причината за несреќата се‘ уште не е позната.

Во акцијата за извлекување на телата на жртвите беа ангажирани екипи на езерската полиција со чамци, специјални нуркачки екипи, и сите амбулантни возила со кои располага службата за итна помош во Охрид.

Уредни документи

Бродот, како што јави агенцијата МИА, имал техничка уредна документација. Меѓу првите помош на настраданите им пружиле нуркачките екипи на МВР, кои изведувале редовен тренинг во близина на несреќата и веднаш се вклучиле во спасувањето. На местото на настанот се голем број медицински екипи, припадници на МВР, АРМ и на Агенцијата за заштита и спасување.

Schiffsunglück Mazedonien Ohrid
Фотографија: megastar

Неофицијално, први во помош на патниците во потонатиот брод, пристапиле лица од автокампот со чамец, кои успеале да спасат голем дел од нив.

Македонската Влада изрази жалење за бродската несреќа во Охридското езеро. Воедно, Владата реши 6 септември да го прогласи за Ден на жалост во Македонија.

Македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески поднесе оставка на функција како морален чин по несреќата на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро. Јанакиески за агенцијата МИА потврди дека оставката денеска (05.09.2009) ќе му ја врачи на премиерот Никола Груевски.

Автор: ТТ/ЕМФ/миа