1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

15 години од почетокот на тајкунската приватизација во БиХ

Драган Максимовиќ/ Симе Недевски31 август 2013

Епилогот од приватизацијата е над половна милион невработени, околу 100.000 работници на кои им е неповрзан работниот стаж, фабрики претворени во гробишта и богатење на магнатите кои уништија сѐ што е градено со децении.

https://p.dw.com/p/19W4Q
Фотографија: Dino Lolic

„Руди Чајевац“, „Фамос“, градежното претпријатие „Враница“, сараевски „Сарабон“... списокот е долг. Овие компании веќе ги нема иако во поранешната држава беа гиганти во својата област. Исчезнаа непосредно по процесот на приватизација, процес кој уништи голем број работни места во БиХ.
Процесот започна во 1998. година како модел на продажба на акции, што беше погубно за системот. Поголем дел од фирмите кои се продадени по многу ниски цени, претежно се напуштани откако т.н. инвеститори подигнаа кредити, го распродадоа имотот, а работниците ги пратија на улица. И 15 години подоцна ги нема очекуваните ефекти.
Фикрет Алиќ од Агенцијата за приватизација на Федерацијата БиХ вели дека новите сопственици за жал само ги виделе средствата но не и обврските: „Не ги гледаа работниците и тука е главниот проблем. Поради тоа што не можевме да ги контролираме и што многумина гледаа само средства без обврски, компаниите се најдоа во таква состојба .“

За сопственост вредна 15, дадени само две-три милијарди

Во Република Српска процесот на приватизација го водеше Дирекцијата за приватизација, додека во Федерацијата БиХ за тоа беа задолжени дури 11 агенции, 10 кантонални и една заедничка. Епилогот е 80 проценти уништени компании, половина милон работници на улица, а на околу 100.000 од нив им е неповрзан работниот стаж. Отсуствуваа инвестициите, вработување и нова вредност, која ја ветуваа моќниците. За разлика од тоа поединци енормно се збогатија и денес тие пари ги пренесоа во легалните текови.
„Сопственоста која ја ограби оваа политичка гарнитура со криминалците е навистина огромна“, вели економистот Светлана Цениќ.
Се проценува дека вредноста на таа сопственост е над 15 милијарди конвертибилни марки, а дека е продадена за само 2 до 3 милијарди, земајќи ја предвид милијардата од продажбата на „Телеком Српска“.
Во БиХ се отстапи од оригиналниот концепт на приватизација кој беше базиран на откуп на сертификати. За разлика од тоа се формираа списоци на стратешки компании кои се продадени под, во најмала рака, сомнителни околности. Економистите сметаат дека процесот не може да се врати на почеток и дека секоја приказна за ревизија на приватизацијата е апсурдна. Меѓутоа може да се одземат средствата на сите оние кои на негегален и нетранспарентен начин учествувале во приватизациите: „Сега би требало да се донесе закон со кој би се дефинирало дека сите кривични дела од периодот на приватизација не можат да застарат“, вели Синиша Вукелиќ, уредник на економскиот портал Капитал.
Во таа насока е и предложениот закон за испитување на потеклото на имотот на избраните функционери од 1992. година. Иако помина во форма на нацрт, извесно е дека нема да добие поддршка во парламентот во форма на предлог бидејќи тоа би било контрапродуктивно за власта.

Streik bei der Firma Panaflex in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: DW
Textilfabrik Borac in Travnik Bosnien
Фотографија: Dino Lolic

И 15 години подоцна секојдневни штрајкови

Армија работници остана без работа, а речиси секојдневно десетици од нив од разни краеви на БиХ ги бараат своите права на улица и поврзување на работниот стаж.
Меѓутоа и синдикатите се огорчени бидејќи немаат механизам за заштита на работниците, а власта не сака да изврши ефикасна ревизија на приватизацијата. Велика Оџаковиќ од Сојузот за синдикати на РС вели дека во сите процеси власта е најодговорна и дека постепеното заживување на компаниите е единствено решение: „Но со оглед на сегашната состојба, тешко дека ќе има некој напредок. Затоа одевме на програма за социјално згрижување на луѓето за да не бидат во потполност оштетени, иако останале без работни места.“
Светли примери има, но во однос на пропаднатите приватизации се премалку. Во Република Српска некои од нив се „Целекс“, „Витаминка“ и споменатиот „Телеком“. Во Федерацијата БиХ тоа се Цементарницата во Какањ., фирмата „Натрон“ од Маглај, „Хепок“ од Мостар и „Унико филтер“ од Тешањ.
Во однос на пропаднатите компании, ова е за жал само капка чиста вода во валканото море на приватизација спроведена во БиХ.