14 загинати во хеликоптерска несреќа во Авганистан
16 март 2012Не е позната причината за уривањето на турскиот хеликоптер, кој бил дел од ИСАФ мисијата во Авганистан. Несреќата ја потврди и турското Министерство за надворешни работи. Хеликоптерот „Сикорски“ бил во мисија, како дел од НАТО трупите во Авганистан, во моментот кога паднал.
„Дванаесет луѓе од нашиот воен персонал загинаа. Причината за несреќата ќе се разјасни по инспекцијата на тимовите“, изјавија од турското МНР.
Познато е дека немало непријателска активност во моментот на падот во областа каде се случила несреќата, велат од НАТО. Хеликоптерот најпрво поткачил една куќа и потоа се урнал во друга. Со такво сведоштво излезе Сајед Кајим, локален жител, кој го видел падот на леталото.
Авганистанското Министерство за внатрешни работи информираше дека девојчињата загинале така што се затекнале на местото на несреќата, а жена и друго дете се повредени.
Денешната несреќа е најсмртоносна за НАТО трупите од август, кога 30 американски војници загинаа во напад на хеликоптер „Чинок“ со кој биле во мисија во центарот на Авганистан.
Автор: Александар Методијев /БГ/афп/ап
Редактор: Симе Недевски