Џефри Епстин: Сексуален злосторник кој долго се криеше
26 јули 2019Мултимилинерот Џефри Епстин, кој е обвинет за сексуални престапи и трговија со девојчиња, неделава беше пронајден со модринки на вратот, легнат на подот од неговата затворска ќелија, тврдат сведоци. Не е познато дали сам си ги нанел повредите или се резултат на напад, вели лицето кое анонимно ги споделило овие информации со агенцијата Асошиетед прес. Епстин е згрижен и останува во затворот во Њујорк, соопштија од оваа институција. Според затворскиот извештај до кој дојде АП, нема податоци дека тој бил однесен во болница.
Во изјавата од затворот нема други детали ниту коментар за состојбата на Епстин. Ниту неговиот адвокат не сакаше да коментира. Не е познато ниту дали Епстин е сам во ќелијата или со друг затвореник. Овој затвор е познат по високиот степен на безбедност и опасни криминалци и злосторници, меѓу кои има и терористи. До неодамна таму беше сместен и мексиканскиот нарко бос „Ел Чапо“.
Осомничениот криминалец
Осомничен криминалец, нефункционална правда и една храбра хероина која сака казна за злосторникот: случајот Џефри Епстин во САД звучи премногу како класична фикциска драма за да биде вистина. Тоа е речиси неверојатна драма за еден маж кој со години злоставувал девојчиња и бил вклучен во трговија со нив, и кој долго време се извлекувал со тоа, бидејќи имал одлични контакти во највисоките кругови на американското општество. Но, исто така е приказна и за една упорна и цврста жена која ја презема работата на судскиот систем и веројатно ќе му стави крај на ужасот.
Кога Џефри Епстин, 66-годишен инвестициски банкар и мултимилионер, на 6 јули слета на аеродромот Тетерборо во Њу Џерси и излезе од приватниот авион, беше уапсен. Од летување во Франција заврши во затворот во Њујорк. Иследниците во меѓувреме го превртеа неговиот дом со над 40 соби во Њујорк и пронајдоа стотици фотографии на голи, во најголем дел, малолетни девојчиња.
Обвинителството во Њујорк покрена обвинение против Епстин за трговија со малолетници и сексуално злоставување. Според обвинението, 66-годишниот Епстин им давал пари на млади девојчиња за да имаат секс со него. Потоа ги приморувал девојчињата да регрутираат и други жртви, кои според исказите на еден од сведоците, понатаму им ги препраќал на пријатели и познаници.
Се вели дека дел од девојчињата имале само по 14 години. Епстин ги отфрла обвинувањата и се изјасни за невин.
Џефри Епстин израснал во населбата Бруклин, во Њујорк. Студирал физика и математика, но никогаш не дипломирал. На почетокот на 1970-те работел како професор по математика во приватно училиште на Менхетен.
Таму преку татко на еден студент стапил во контакт со еден од партнерите во инвестициската банка „Беар Стернс“. Епстин таму работел како играч на берза, брзо напредувал и започнал свој бизнис како инвестициски консултант за огромни суми. Барем така се раскажува за неговата консултантска куќа, бидејќи има многу малку официјални податоци за неа.
Дубиозни средства
Не е познато ниту колку „тежи“ богатството на Епстин. Според некои медиумски извештаи, тој е милијардер. Според судските акти во најмала рака е мултимилионер. Тој има различни имоти и два приватни авиона, од кои едниот се вика „Лолита експрес". Но како го стекнал богатството? И за тоа само се шпекулира. Само од работата на Волстрит?
Од различни извори има претпоставки дека Епстин ги мамел своите клиенти со сексуални забави и потоа ги уценувал. Ова досега не е официјално потврдено.
Уште во 2007 година неколку жени го пријавија Епстин за сексуално злоставување. Но, избегнал судење, бидејќи се изјаснил за виновен и се спогодил со обвинителството. Тоа за Епстин значеше 13-месечен затвор со екстремни олеснителни околности: тој можеше преку недела да си работи од канцеларија. Договорот беше одобрен од тогашниот државен обвинител на Флорида, Александер Акоста, кој подоцна стана министер за труд во администрацијата на Трамп.
Од 2008 година Епстин се води како сексуален престапник. Човекот кој го направи договорот, Акоста, во меѓувреме си даде оставка и тоа токму поради неговата поврзаност со Епстин. Со договорот Епстин по речиси една година (во слободното одделение на затворот) беше ослободен. Потоа во медиумите постојано се појавуваа информации против инвестицискиот банкар, но речиси никој не ги следеше, ниту истражуваше.
Хероина
Десет години подоцна една хероина изнесе докази во оваа приказна. Година и половина истражувачката новинарка на „Мајами Хералд“, Џули К. Браун, ги истражуваше сомневањата и индициите против Епстин. Браун откри десетици наводни жртви, зборуваше со полицајци на кои не им беше дозволено соодветно да ги истражат наводите против осомничениот. Браун имаше увид во судски досиеја и ги објави во ноември 2018 година во серија текстови за наводните злосторства на Епстин. Таа беше единствената која во јавноста ги објави целиот обем на обвинувања против него.
„Никој претходно не направил сеопфатна слика", изјави Браун во едно интервју со модераторот Алек Болдвин во април годинава. „Тоа беше една од работите кои ме фасцинираа во овој случај. Зошто никој не застана јасно и гласно да викне и да раскаже?" Како што вели Браун, таа сакала да им даде глас на над 80 наводни жртви на Епстин. Државното обвинителство во Њујорк во обвинителниот акт зборува за „исклучително истражувачко новинарство".
Браун успеа да го направи она што не му успеа или не сакаше да му успее, на американскиот правосуден систем – да соберат докази против Епстин. „Тие го прикриваа“, изјави Браун. „Тие се погрижија за тоа никој да не согледа за колку големо кривично дело станува збор."
Врските со „оние горе“
Целиот случај е пример за тоа како еден мултимилионер може да „фати кривина“ во судскиот систем – и поради неговите тесни врски со оние „најгоре“. Тие стигнуваат до највисоките нивоа на американската политика и општество. Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, според медиумите, бил најмалку на 20 патувања со приватниот авион на Епстин. Клинтон тврди дека се работи за значително помалку летови, и дека повеќе од десет години немал контакт со Епстин и не знаел за „страшните злосторства."
Британскиот принц Ендру, според новинарката на „Мајами Хералд“, долго време бил дел од кругот блиски пријатели на Епстин. И против принцот има обвиненија дека имал секс со некоја од девојчињата на Епстин. Принцот ги отфрла. Епстин се смета за исклучително добро поврзан, а во кругот има познати актери, научници, супербогаташи и бизнисмени. Мултимилијардерот Лес Векснер, кој меѓу другото е сопственик на Викторија Сикрет, наводно веќе долго време му е клиент на Епстин.
Врска на Епстин и Трамп?
Во текот на истрагата имаше шпекулации и за поврзаност меѓу актуелниот американски претседател Доналд Трамп и Епстин. Трамп исто така наводно бил гостин во неговиот приватен авион. Епстин, пак, беше член на приватниот клуб на Трамп – Мар-а-лаго. На видео снимки се гледа како двајцата разговараат на една од забавите на Трамп. Различни медиуми објавија еден цитат на Трамп од 2002 година, во кој тој зборува за мултимилионерот како „фантастичен човек“, меѓу другото и поради тоа што преферира млади жени.
Трамп денес се дистанцира од него, тврдејќи дека никогаш не бил негов „фан“. Точно има и извештаи, според кои Трамп го има исфрлено од својот клуб, бидејќи инвестицискиот банкар сексуално малтретирал некое девојче.
И секако - Александер Акоста, познатиот обвинител кој склучи договор со Епстин, си даде оставка на министерската позиција една недела по неговото апсење. Неодамна тој повторно го бранеше договорот од 2008. Доказите тогаш беа тенки, и без таков договор Епстин ќе беше ослободен, тврдеше Акоста пред неколку дена.
Доколку биде осуден, на Епстин му се заканува затвор до 45 години. Аналитичарите се во исчекување дали тој повторно ќе сака да склучува договор во замена за информации со кои би му се намалила казната. Ако Епстин ги открива имињата на своите клиенти и познаници за одредена цена, тоа би можело да има последици за многу влијателни личности.