1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе стане ли Либија втор Авганистан?

20 април 2011

НАТО се соочува со тешкотии преку воздушни напади да ги потисне трупите на либискиот дикатор Моамер Гадафи кај градот Мисрата, каде се водат жестоки борби. Либиските бунтовници бараат ангажман на странски копнени трупи.

https://p.dw.com/p/10wxO
Мисрата е постојано под оганФотографија: picture alliance / dpa

Борбите во Либија се‘ повеќе се концентрираат врз опколениот град Мисрата, единствениот во западниот дел од земјата кој е под контрола на бунтовниците. Додека авионите на НАТО го надлетуваат градот, трупите на Гадафи непречено напаѓаат и напредуваат. Командандот на мисијата на НАТО во Либија, генералот Чарлс Бушард, ги обвини воените сили на Гадафи за „валкано војување“, затоа што неговите војници се преоблекуваат во цивили во близина на болници, пукаат од џамии и ги употребуваат децата и жените како живи штитови.

За генералот на НАТО Марк ван Ум во ваква ситуација нападите се речиси невозможни:

„Постојат граници на воздушните напади заради запирање на борбите во градот. Ги преземаме сите мерки за избегнување цивилни жртви. Се обидуваме да го онеспособиме режимот за долготрајни напади, не само во Мисрата, туку во целата земја“.

Целта е ослабнување на режимот на Гадафи

НАТО очигледно се надева да го ослаби либискиот режим преку бомбардирање на коридорите за снабдување или со уништување на комуникациите. Алијансата ноќеска нападнала командни централи на трупите на Гадафи, меѓу кои една на десетина километри јужно од главниот град Триполи. Кога ваквата тактика на НАТО ќе даде резултат, генералот Марк ван Ум не сака да шпекулира:

Flash-Galerie Kampfeinsatz in Libyen Rebellen
Фотографија: AP

„Во моментов ништо не укажува на тоа дека Гадафи има намера да запре со нападите. Неговите трупи и натаму употребуваат тешко оружје, особено во градовите. Затоа НАТО планира продолжување на мисијата се‘ додека не постои јасен сигнал дека цивилното население веќе не е загрозено“.

Опција која НАТО не ја сака-копнени трупи

Либиските бунтовници во Мисрата во меѓувреме бараат испраќање странски копнени трупи. Британски и француски војници треба да стигнат врз база на „хуманитарни принципи“, изјави портпаролот на бунтовниците Нури Абдулах Абдулати. „Ако не дојдат странски војници, ќе умреме“, апелираше тој. Хуманитарните организации стравуваат од масовно бегство од Мисрата, каде се‘ поскудни се резервите од храна, вода и лекови. Но, во НАТО не постои голема готовност за копнена акција. И Франција, која ја започна воената интервенција во Либија, истакнува дека таков ангажман не е покриен со резолуцијата на ОН, како што изјави францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе.

Автор: ЖА/ГЧ/дпа/ртре/дв

Редактор: Горан Чутаноски