Имало ли навистина мито за СП 2006?
9 ноември 2015Попладнево во седиштето на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) се одржуваат два состанока од кои зависи иднината на актуелниот претседател на сојузот Волфганг Нирзбах. На вонредната седница на претседателството на сојузот, како и потоа на средбата на Нирзбах со претседателите на здруженијата од аматерскиот дел на фудбалот во Германија, во фокусот се прашањата дали Германија навистина купувала гласови за да ја добие организацијата на Светското првенство во 2006. година, како и улогата на Нирзбах тогаш и сега, кога на виделина избија многу непријатни факти.
За што се платени 6,7 милиони евра?
Откако државното обвинителство води истрага и против Нирзбах поради сомневање за прикривање данок од страна на ДФБ, а магазинот „Шпигел“ објави документ кој наводно потврдува дека претседателот на ДФБ уште во 2004 година знаел за спорни финансиски трансакции, тој денеска ќе мора да даде исцрпни објаснувања.
Се’ се врти околу сумата од 6,7 милиони евра која ДФБ му ја исплатил на Роберт Луј-Драјфус, поранешен шеф на германскиот производител на спортска опрема Адидас. Тој претходно истата сума и’ ја платил на ФИФА (светската фудбалска асоцијација - н.з.), наводно за покривање на покачени трошоци за програмата на свеченото отворање на СП 2006. Сомневањето дека со тие пари можеби биле купени клучни 4 гласа од претставници од Азија при решавањето за избор на организатор на СП 2006 е поткрепено и од Тео Цванцигер, поранешен претседател на ДФБ.
Што знае Бекенбауер?
Спроти денешните средби во германските медиуми се поставува прашање зошто молчи легендарниот фудбалски „кајзер“ Франц Бекенбауер, кој како претседател на Организациониот комитет на СП 2006 може многу да придонесе во расветлувањето на аферата. Потоа, дали можеби Цванцигер и поранешниот генерален секретар на ДФБ Хорст Р. Шмит го навлекле на „тенок мраз“ Нирзбах, тогаш штотуку избран за генерален секретар на ДФБ, со тоа што направиле тој да ја потпише даночната пријава во која е неправилно наведена спорната сума од 6,7 милиони евра. Таа даночна пријава е причина за минатонеделната рација во просториите на ДФБ и во приватните домови на Нирзбах и Цванцигер. Од неа можат да произлезат дополнителни трошоци за неплатен данок во износ од 2,6 милиони евра, но и казни во двоцифрен милионски износ.
Јавноста бара оставка од Нирзбах
Откако целата афера изби во јавноста, Нирзбах вети целосно расветлување. Тоа досега не се случи, па според едно испитување на јавното мислење 65 проценти под граѓаните се изјасниле дека Нирзбах треба да си поднесе оставка. Тоа набљудувачите засега уште го сметаат за неверојатно. Зад кулисите веќе се прават комбинации за можни наследници, но Нирзбах има силна поддршка од видни претставници на професионалниот фудбал во земјата. Фудбалската база - аматерскиот фудбал организиран во пет регионални и 21 окружни фидбалски сојузи, традиционално е скептична во однос на 64-годишниот Волфганг Нирзбах.
„Помеѓу трагедија и фарса“
Целата афера му штети на угледот на ДФБ, па дури може да биде доведено под прашање речиси сигурното решение Германија да го организира европското првенство во 2024. година. Кај политиката е разнишана довербата во раководството на германскиот фудбал. „Фудбалот е апсолутно светски спорт. И, секако е проблем кога сојузи како ФИФА и сега ДФБ немаат баш најголем углед“, вели Едмунд Штојбер, поранешен покраински премиер на Баварија. Филозофот Волфрам Ајленбергер во една телевизиска изјава оцени: „Пред три недели ДФБ уште беше некој вид светилник. Имаше надеж дека преку ДФБ и неговите стандарди ќе можат да бидат етаблирани реформи во светскиот фудбал. Таа кула од карти сега целосно се урна сама од себе. Од пред три недели се движиме меѓу трагедија и фарса“.