1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се комплетира вториот ешалон во Владата

13 јуни 2017

Покрај предлози за заменици-министри и државни секретари, се очекува во МВР да се реализираат кадровски смени на клучните позиции, чии раководители се искомпромитираа во настаните во парламентот на 27-ми април.

https://p.dw.com/p/2eayv
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Владата се подготвува за комплетирање на вториот ешалон, но и за избор на државни секретари и директори на јавни претпријатија. Засега е извесно дека ДУИ во новата влада ќе биде застапена со четири заменички министерски места, а кандидатите за нив ги објави вицепремиерот Бујар Османи на неговиот Фејсбук профил: Агим Нухиу во МВР, Беким Максути во одбрана, Висар Ганиу во образование и Ширете Елези во финансии. Претходно ДУИ во владиниот кабинет доби четири министерски места и две вицепремиерски. Алијансата за Албанците ја предложи Арта Точи за заменик министер во ресорот надворешни работи, Ремзи Мехмети во Министерството за транспорт и врски и Елми Азири во Министерството за труд и социјална политика. Оваа коалиција ќе има и еден државен секретар, но засега не е прецизирано во кој ресор. Од СДСМ сè уште не ги соопштуваат имињата на замениците-министри, кои во значаен дел се очекува да бидат регрутирани од коалициските партнери на социјалдемократите. Во текот на неделава Собранието треба да ги верификува нивните мандати.

Комплетирањето на вториот ешалон следува повчерашната посета на лидерот на СДСМ на Брисел, каде доби уверување за европска поддршка, но и очекувања за спроведување на итните реформски приоритети. На 26 јуни, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан ќе го посети Скопје, а стартот и текот на реформите ќе биде под лупа на официјален Брисел, кој очекува „конкретна реформска агенда со кратки рокови“. Целта е во октомври да се добие позитивна оценка и во декември Советот на ЕУ да прифати неусловена препорака за почеток на преговорите.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Работата сега е во наши раце. Треба да создадеме атмосфера за продолжување на реформите кои може и да бидат непопуларни и тешки, но важно е да се активира еден инклузивен процес каде би се вклучила и опозицијата, сите партии и општествени чинители за процесот да продолжи“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи. 

Смени во МВР

Реформите треба да започнат веднаш, а советодавна улога ќе има и експертската група на Рајнхард Прибе. Пензионираниот директор на Директоратот за Западен Балкан во Европската Комисија, кој беше ангажиран од ЕК да ги скенира состојбите во повеќе области во Македонија, пред две години остави Извештај од 30-тина страници, во кој се идентификувани „значајни недостатоци“ во пет сфери: контролата на комуникациите, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, начинот на спроведување на изборите и состојбата во медиумите. Во тимот на Прибе беа поранешен државен обвинител на Ирска, поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија и други експерти со професионално искуство во сфери поврзани со владеењето на правото. Нивните забелешки беа вградени и во Итните реформски приоритети (ИРП), чие спроведување стана обврска од Договорот од Пржино. Експертскиот тимот доаѓа во јули, а првите роформи треба да започнат во правосудството, но и во безбедносниот систем, кој врвот на неговата професионална компромитација ја доживеа на 27 април во македонскиот парламент со (не)постапување надвор од професионалните обврски, стандарди и етика.  

На реформите ќе им претходат кадровски промени во МВР, на клучните позиции чии раководители потфрлија на 27-ми април. Неофицијално, се очекува денеска да биде разрешен Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој беше и шеф на оперативниот штаб на МВР. Во извештајот на работната група на Министерството, Чавков беше посочен како одговорен за настаните во „крвавиот четврток“, бидејќи не извршил безбедносна проценка и не издал навремена наредба иако имал дојава, со што го овозможил упадот во законодавниот дом. Барање за негово разрешување поднесе и поранешниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу. Можни се смени и на други раководители во МВР, меѓу кои и на директорот на Управата за безбедност и контаразузнавање, Владимир Атанасовски.

Mazedonien Verhaftungen
Фотографија: DW/F. Musliu

Живаљевиќ се враќа дома

Во меѓувреме, епилог добиваат и други „темни петна“ од настаните на 27-ми април. Во петокот МВР информираше дека до Обвинителството поднеле известување за две кривични дела на Горан Живаљевиќ, претставник на српската БИА, извршени на „крвавиот четврток“. Српското МНР вчера до македонското МНР испратило реакција за кривичната пријава против српскиот разузнувач. Но, тоа практично не ги менува работите, бидејќи македонската Агенција за разузнавање и српската БИА веќе договориле реципрочно повлекување на своите разузнавачки претставници од амбасадите, кое треба да се реализира до 15 јуни, како и привремено запирање на договорот за соработка. Овој случај сериозно ги разниша односите меѓу Скопје и Белград.

„Реципрочните мерки, со протерување на македонскиот разузнувач од Белград, ја потврдува оценката дека имаме заладени политички односи и дека Србија не ги прифаќа аргументите за улогата на Живаљевиќ во политичките случувања во Македонија“, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

„Владата на Република Србија и провладините медиуми беа вклучени во кампања за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и во текот на изборната кампања и во периодот на конституирање на новата Влада, но и грубо го дискредитираа СДСМ и Зоран Заев дека ако дојде на власт ке ја федерализира државата, а Србите во Македонија ќе ја доживеат истата судбина како оние во Косово. Реакциите од Македонија во Србија беа дочекани со провокации и најави дека тоа ќе се одрази на меѓусебните односи. Инволвираноста на српски разузнувач во настаните од 27-ми април, е крунски доказ дека нашиот сосед се меша во внатрешните работи на Македонија и сосема логична е реакцијата за повлекување (протерување) на овој господин. Потребно е време раководството на Србија да ја прифати реалноста дека во Македонија има промени и дека е во интерес на сите да се нормализират односите и воспостави соработка со новата Влада“, вели Трајанов.