1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јуратовиќ: Повторно воспоставување доверба во институциите

Е.М. Фиданоска
12 декември 2016

Главна задача на новата македонска влада ќе биде повторно воспоставување на довербата во државните институции, вели за ДВ социјалдемократот Јосип Јуратовиќ, член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.

https://p.dw.com/p/2U9C0
Josip Juratović
Фотографија: Josip Juratovic

ДВ: Дали очекувавте ваков исход од изборите?

Јосип Јуратовиќ: На последните метри од предизборната борба се исцртуваше трка рамо до рамо. Општествените структури во Македонија се под големо влијание на владејачката партија. Оваа предност придонесе сигурно за тоа ВМРО-ДПМНЕ, и покрај високиот одзив на изборите кој радува, да добие најголем број гласови.

Што очекувате од новата влада?

Јосип Јуратовиќ: Новата влада има приоритетна задача да го обезбеди економскиот и социјален развој на Македонија. Таа треба да ги исполни предусловите за брзо приклучување кон ЕУ и евро-атлантскиот сојуз. Меѓутоа, главната задача ќе биде повторно да се воспостави доверба во државните институции. Затоа парламентот ќе мора да може да работи непречено.

Како гледате на идната германска соработка со Македонија?

Јосип Јуратовиќ: Македонско-германската соработка е традиционално добра. Особено ни е важно во идниот развој на Македонија да се почитуваат темелните демократски вредности. Во тој дел сакаме да ѝ пружаме поддршка на Македонија во секое време.

Дали исходот од изборите влије врз евроатлантската иднина на Македонија?

Јосип Јуратовиќ: За Македонија важи истото што и за сите останати држави од Западниот Балкан: перспективата за приклучување во ЕУ стои. Реформите кои се неопходни за доброто на македонските граѓани се познати. Секоја влада мора да се мери според овие реформи, доколку сака да ја води Македонија во насока на ЕУ.

Јосип Јуратовиќ е пратеник во Бундестагот од редовите на Социјалдемократската партија (СПД) и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот