1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Југоистокот на Турција гори!

Ана Лекас Милер/б.г.15 јануари 2016

Во екот на безбедносната криза по серијата терористички напади, опозициската турска Републиканска народна партија (ЦХП) го одржува својот партиски конгрес. Како да се намали влијанието на Ердоган.

https://p.dw.com/p/1He3U
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Aslan

Партиската конференција на ЦХП се одржува само неколку дена по смртоносниот самоубиствен напад во Истанбул, но и во време кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обидува да ја прошири својата политичка моќ. Обидите на Ердоган во ЦХП ги толкуваат како бесчувствителни и политички нереални, особено имајќи ги предвид заканите од тероризам и насилствата на југоистокот на земјата.

„Државата стана конфликтна зона. На истокот имаме вонредна состојба, но тие мислат само на претседателскиот систем“, изјави лидерот на ЦХП, Кемал Киличдароглу коментирајќи ја ескалацијата на насилствата во југоисточниот регион на земјата, откако пропадна примирјето меѓу турската влада и бунтовниците на Курдската работничка партија (ПКК).

„Нивните лични амбиции им ги замаглуваат очите и затвораат ушите“, рече Киличдароглу, критикувајќи ги претседателот и неговата партија за игнорирање на ескалирачката хуманитарна катастрофа.

Играта на Ердоган

Иако Ердоган беше тој кој ги иницираше мировните разговори со ПКК во 2013 година кои доведоа и до примирје во деценискиот конфликт- сето тоа се распадна во јули минатата година кога, откако и се придружи на американската коалиција против „Исламската држава“, турската армија започна да ги напаѓа базите на ПКК во северен Ирак. Иако турската влада тврдеше дека воздушните напади биле со цел да се создаде „безбедна зона“ за Сиријците кои бегаат од ИС, критичарите на Ердоган тврдат дека турската влада ја користи меѓународната коалиција како параван за ново насилство врз курдското население.

„На почетокот, луѓето ја критикуваа ПКК“, вели Билал Самбур, академик и писател од Анкара за ДВ. „Но сега тие го насочуваат бесот кон АКП и претседателот“.

Wahl in der Türkei AKP gewinnt deutlich
Фотографија: Reuters/O. Orsal

Иако војната ескалираше уште пред изборите во ноември, токму изборите и победата на АКП на нив, беа пресвртна точка и ја означија транзицијата од повремени полициски упади и апсења на југоистокот во целосна воена офанзива која вклучува и постојани судири и гранатирање на урбани области од страна на владата.

„Постојат само два начини да решите еден конфликт“, вели Арон Штајн од американскиот Атлански совет. „Или започнувате со мировен процес, или се обидувате да ја поразите ПКК па потоа продолжувате со мировен процес. Тие ја одбраа опцијата Б, иако во претходните две години се држеа до опцијата А“.

Населението страда

Ескалирачкото насилство, вклучително и урбаната војна има огромни последици врз цивилното население на југоистокот на земјата. Од летоска десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови, а бројот на цивилните жртви се проценува на над 100, иако нема официјална бројка. Оние кои останаа во своите домови живеат во стриктно наметнат полициски час кои, иако најавени во функција на заштита на цивилното население, всушност драматично ја ограничија слободата на движење и пристапот до основни услуги. Практично, безбедносните сили имаат право да пукаат врз секој кој ќе го напушти својот дом, и да ја ограничат итната медицинската помош за граѓаните.

Türkei Kurden PKK Diyarbakir
Судири меѓу Курдите и полицијата во ДијарбакирФотографија: picture-alliance/dpa

„Со мојата сопруга, децата, мајката и други роднини бевме 18 луѓе во една соба од 18 часот на четвртата ноќ до 6 часот изутрина следниот ден“, изјави за Хјуман Рајтс Воч Бахаедин Јагарчик, учител од Чизре, едно од најпогодените места на југоистокот.

„Немаше храна и не смеевме да ја напуштиме просторијата за да одиме во тоалет“, вели тој. „Немаше вода па црпевме од стар неупотребуван бунар, но таа вода не е за пиење. На седмиот ден мојата сестра излезе да најде вода и за малку беше убиена“.

Изгледа како во Сирија

Освен хуманитарниот импакт на судирите и полицискиот час, засилените безбедносни мерки се користат и за оправдување на апсењето на курдски политичари, активисти и новинари, обвинети дека одржуваат врски со ПКК. Повеќе политичари на југоистокот беа уапсени од тие причини. Новинарот на „Вајс“ Мохамед Разул мина 131 ден во притвор како „заштитна мерка“ откако беше уапсен во август додека ги снимаше судирите меѓу војската и младите членови на ПКК во Дијарбакир. Иако Разул во меѓувреме беше ослободен, уште 33 други новинари и натаму се во затвор во Турција, повеќето со курдско потекло или луѓе кои работат за курдски медиуми.

„Многу луѓе се плашат да зборуваат“, вели активист кој инсистираше на анонимност. „На некои места веќе изгледа како во Сирија и никој не зборува за тоа“.