Јован Балов: Восхит и страв од еуфоријата на обединувањето
3 октомври 2014„Ноќта меѓу 2. и 3. октомври 1990 година беше навистина драматична, за светот, но и моја лична пресвртница во животот. Во Берлин бев неколку месеци и на 10. октомври требаше да заминам за Амстердам, се првите отсечки од сеќавањата на Јован Балов, македонски уметник кој ја имал среќата турбулентната есен 1989 година кога паднал Берлинскиот ѕид, и потоа наредната 1990 (до средината на октомври), да живее во денешната германска престолнина.
„Во поделениот град пристигнав на 20 јануари 1989 година. Границата на Западен Берлин ја минав на Фридрих Штрасе, по претходни три бричења, зашто на пасошот имав фотографија без мустаки. Тоа не беше љубов со градот на прв, туку на нулти контакт. Ме освои мирисот на метрото и луѓето кои беа слободни, весели, отворени. Си реков: Јоване добредојде дома. Така, тука ја доживеав драмата на 8. ноември 1989 и паѓањето на ѕидот, но и официјалното обединување на Германија на 3 октомври 1990 година. Месеците, неделите, деновите наспроти 2 и 3 октомври единствена тема на разговорите, на телевизијата, на радиото беше Празникот на празниците. Во воздухот се чувствуваше исклучителна драма. Тоа пладне на историскиот вторник, на 2 октомври, и јас како и илјаници граѓани на Берлин, од Тегел каде што живеев заминав пред Бранденбуршката порта. Ја доживеав еуфоријата на луѓето, кои се радуваа, празнуваа, се прегрнуваа, се бакнуваа, си честитаа. Но, за прв пат, веројатно и единствен, почувствував и страв од таа еуфорија... Жегање во срцето кое потоа си го објаснив со она што реално се случуваше тука во Германија и јужно на Балканот. Не бев Германец, туку гостин! Од една страна две држави, двете Германии кои четири децении биле поделени се обединуваа, славеа, чекореа кон заедничката иднина, а од друга страна, земјата од која јас доаѓав, тогашна Југославија, во истиот период се урнисуваше, се распаѓаше, се делеше. Тоа беа паралелни процеси, кои иако бев млад и живеев главно за уметноста, длабоко се рефлектираа во моето битисување“, раскажува Балов.
Иако изминуваат 24 години од обединувањето и безмалку четврт век од паѓањето на Берлинскиот ѕид кој го означи и почетокот на крајот на студената војна, Балов вели дека сите настани ги има толку јасно во своите сеќавања небаре се случиле вчера. Ова, впрочем е и нормално, ако се знае дека силните и бурни емоции оставаат небришливи траги кои човек ги помни додека е жив.
Величествена атмосфера
Официјалната свеченост на обединувањето на Германија на која присуствуваа стотици илјади граѓани од обете страни на поделениот град и гости, според предвиденото сценарио започнала на 2 октомври, пред зградата на Рајхстагот, чекор до Бранденбуршката порта.
„Стартот на свеченоста беше во 21 часот. Атмосферата беше свечена, радосна, искричива, со еден збор кажано: гламурозна. Деветтата Симфонија на Бетовен диригирана од легендарниот Курт Мазур делуваше како почетен генератор на емоции. Потоа следеше обраќањето на Лотар де Мезије, по што вистинска ерупција предизвика говорот на канцеларот на обединувањето Хелмут Кол. Зборовите на Кол дека еден сон на обединетата Германија, станува стварност беше проследен со восклици на радост, придружени и со солзи. Беа тоа неповторливи мигови. Потоа на полноќ, тогашниот претседател Рихард фон Вајцекер објави: „Обединувањето на Германија е завршено“. Кажа и дека Германија натаму ќе се залага за обединета Европа и мир во светот“, се сеќава на историската ноќ Јован Балов.
Седум дена по обединувањето, Јован требало да замине за Амстердам, но претходно не пропуштил да се сретне со сите пријатели и колеги од 'истокот'.
„Во времето кога живев во Западен Берлин (1989 и 1990), јас и сите кои имаа југословенски пасоши имавме привилегија без проблеми да патуваме и во источниот дел. Таму имаше едно кафуле, собиралиште на уметниците од Источен Берлин. Се викаше „Лампион“ и беше прекрасно место за средби, разговори, дружење. Велам беше, зашто сега повеќе не постои. Спонтано пред да замине од Берлин тој октомври 1990 повторно отидов во Лампион да се поздравам со моите источни колеги, иако знаев дека разделбата нема да е долга. Оние од 'западот' не ги најдов зашто сите беа некаде растрчани“, забележува Балов, кој не крие дека во тоа време емотивно бил растргнат. Убави работи се случуваа во Германија, грди во татковината од каде доаѓал.
„Многумина сигурно се сеќаваат дека тоа беше време на Анте Марјковиќ, на нецелосно спроведените економски реформи кои доведоа до крај на стопанскиот систем, на кој се надоврза и пропаѓањето и на политичкиот систем. Време на стравови за иднината на земјата. И токму кога Германија во 1990 се подготвуваше за големото обединување, во Југославија се насетуваше крајот. Убава беше идејата за демократизација и за плурализам, но се родија и национализмите, се продлабочија меѓуетничките тензии. Со идеите за осамостојувањето кои први ги наметнаа Словенија и Хрватска, во таа иста 1990 година, практично започна и распаѓањето на федерацијата. Тоа се работи кон кои човек не може да биде рамнодушен, кои болат, особено ако се гледа на погодностите и придобивките кои за една држава ги носат единството, заедништвото, сплотеноста“, дополнува Јован Балов
Три фази на Берлин
Вистинските промени и резултати од овие безмалку четврт век од обединувањето, најубаво се гледаат во Берлин. Престолнината, или како вели Балов, градот на неговата младост и радост, минал низ три периоди.
„Едната фаза е токму подделениот Берлин, која иако кусо, само десеттина месеци ја живеев нема никогаш да ја заборавам. Во вистински смисол на зборот во тоа време Берлин доживуваше драма. Градот беше набиен со енерегија, со соддржини кои дразнеа и предизвикуваа. Тој ѕид, тие огради, местата каде биле убиени многумина кои се обидувале да пребегаат од истокот кон запад, беа реалност, а не фолклор и туризам. Бев фасциниран од силината и неповторливоста на тој подделен Берлин кој ми беше и инспирација за еден 8 метри долг графит во Кројцберг, од кој останаа само фотографии. Тоа беше сосема подруг град. По 3. октомври 1990-тата, промените беа нагли. Со уривањето на границата, на ѕидот, почна размената не само на добрите, туку и на лошите моменти од поделениот град. Будењето на големите чувства на обединетост, на она германското не беа кај сите подеднакви. Доколку едни од ова чувство беа понесени и гордо го истакнуваа, други имаа сосема поинакви визии. Оваа втора фаза, кога Берлин се бараше себеси, траеше подолго. Иако заминав од престолнината, врската и фасцинацијата останаа зашто редовно доаѓав и со месеци престојував во престолнината . Следев се' што се случуваше. Имаше и чудни нешта. Познавам на пример луѓе кои живееле во Западен Берлин и кои до ден денес не одат со автомобил на истокот, не го знаат и не саакаат да го запознаат тој дел од градот. Требаше време човек да се навикне на овој отворен, широк, слободен град“, подвлекува Јован, според кого комбинацијата и добро сплотената врска меѓу истокот и западот, придонеле за неговата одлука комплетно да живее и твори во овој град.
„Таа комбинација на арогантен западен, со хуман, топол, источен и социјалистички Берлинчанец се спои во една супер интересна комбинација, која е суштината на оваа третта фаза од животот на градот. А таа фаза, Берлин научи да ја негува. Пример за ова е и Колони Вединг, Здружението на галеристи од источен и западен Берлин, во кое е присутна и ароганцијата и топлината. И веројатно затоа, тука во Берлин, се чувствувам како дома бидејќи во таа некогашна наша татковина Југославија, бевме арогантни зашто не припаѓавме и светот не не гледаше како Исток, а бевме и топли, зашто не бевме како Западот! А од она што денес е направено во Берлин човек може само да учи. Престолнината е центар на културата, на дипломатијата, на туризмот. И без да навлегувам длабоко во историјата, можам само да забележам дека 24 години по обединувањето, е реализирана визијата на Фридрих Велики, кој сонувал Берлин да биде светска културна метропола!“, вели во разговор за Дојче веле Јован Балов, уметник и промотор на македонската култура во Германија.