1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јагнешки бригади среде Берлин

Немања Рујевиќ
8 мај 2018

Во неделата, во паркот во центарот на градот, берлинската полиција затекна 150 луѓе како вртат јагниња на ражен. Повеќето од нив, пишуваат медиумите, потекнуваат од БиХ и Хрватска, а се верува дека го славеле Ѓурѓовден.

https://p.dw.com/p/2xLN0
Grillen im Volkspark
Фотографија: Polizei Berlin

Полициските диспечери во Берлин веројатно се изнаслушале сѐ и сешто, но она што им се случувало во неделата на 6 мај веројатно е премиера. „Дојдете ве молам во паркот во Фридрихсхајн. Таму повеќе луѓе токму изнесуваат овци од автомобилите- цели и без кожа“, рекол гласот од другата страна на врската.
Народниот парк во Фридрихсхајн, населба во Берлин, е оддалечен само три километри воздушна линија од Бранденбуршката порта, среде центарот на градот. Граѓаните тука често распалуваат скари бидејќи постојат површини предвидени за тоа, но обично и шетаат, трчаат, играат фудбал и секако не вртат овци на ражен среде тревникот.
„Децата трчкаа околу жешкиот јаглен на сувата трева. А таму... овци! Дванаесет на број. Сите се вртеа на ражни на вжештениот ќумур под сонцето. Секако дека се вртеа на батерии. Акумулаторите се подразбираат“, напиша берлинската полиција на својата Фејсбук страница.
Германскиот јазик за овие нешта е всушност недозволиво сиромашен- во него имено, не постои посебен израз за „јагне“. Сега ни останува само да ја погодуваме староста на животните, но според фотографиите веројатно се работи за јагниња.
Поголемиот дел од присутните 150-ина луѓе најпрво се правеле недоветни, но кога дошле пожарникарите, тргнале да ги спасуваат јагнињата. „Ова го правиме веќе десет години“, рекол еден од нив, според полицијата. Наводно рекле дека слават Велигден, но веројатно имало некој проблем со преводот, затоа што во неделата беше Ѓурѓовден.
Според наводите на полицијата, како што пренесува весникот Билд, повеќето учесници на прославата биле од Босна и Херцеговина. Други медиуми пишуваат дека легитимираните имале хрватски или германски документи. Тврделе дека јагнињата ги набавиле кај месар во берлинскиот кварт Вединг. 

Реакции

Меѓу илјадниците коментари на социјалните мрежи има и такви кои прашуваат „какви се овие луѓе?!“ и „дали тука сѐ уште важат законите?!“. Еден корисник на Фејсбук со презиме на „иќ“ се прашува зошто толкава паника, „никој не е убиен ниту повреден“, и вели дека е подобро да се зборува за поважни теми како „на пример педофилијата во Германија“. Еден му одговара „Типичен мигрант во Германија. Ги отфрла обврските, но инсистира на своите права. Ми се гадите“.
Но, по доаѓањето на полицијата сѐ минало во најдобар ред, сите биле кооперативни, го изгаснале жарот и ги однеле јагнињата. На некои од нив наскоро ќе им стигнат „честитки“ од Градските власти, па ќе мора да платат. Доколку баш немаат среќа, максималната казна е пет илјади евра.
Полицијата ја искористи виралноста на оваа објава на социјалните мрежи да потсети како и каде треба да се прави скара. „Не ни е важно што се слави, туку како“, соопшти полицијата.