1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата полска власт ги дисциплинира медиумите

Розалија Романец/БГ23 декември 2015

Со планираните медиумски реформи владата во Варшава предизвика бурни реакции- уште пред тие да влезат во парламентот. Тезата на политичарите дека медиумите треба да му служат на националниот интерес-не ветува ништо добро

https://p.dw.com/p/1HS44
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzynski

Репортери без граници се последните кои го вклучија алармот. Организацијата е многу загрижена за реформските планови, кои се уште не се официјално претставени, но веќе се најавени од владини претставници. Многумина стравуваат дека целта на овие реформи е да се дисциплинира „четвртата власт“.

Погодени ќе бидат јавната телевизија, радиото и полската новинска агенција ПАП. Овие државно акционерски друштва во иднина не треба да мислат на „добивка“, туку на „националниот интерес“. Тие ќе биде редефинирани од „јавни“ во „национални“ медиуми. Од акционерски друштва ќе станат „национални културни институции“.

Национална мисија

Што се подразбира под „национални цели“, објасни државниот министер во министерството за култура, Кристоф Чабански: полското општество во иднина треба да стане важна тежишна точка на програмата. Под национални интереси се подразбираат содржини кои ги поттикнуваат националните чувства на гледачите. Слично звучат и плановите за школската реформа, каде историјата треба да се изучува на исто ниво со јазикот и математиката.

Критичарите сметаат дека повеќе нема да биде можен критички новинарски поглед на реалноста во Полска на јавниот сервис.
Со реформите се предвидени и нови раководни структури. За содржината и персоналот ќе одлучува „Совет на националните медиуми“, избран од парламентот и претседателот.

Инструментализацијата на полските медиуми од страна на владејачката партија има традиција уште од 2007 година, кога Граѓанската платформа по преземањето на владата ги пополни водечки позиции во јавните сервиси со свои луѓе. И претходно тоа повеќе беше правило отколку исклучок.
„Не само во Полска, туку и во многу други земји, политиката е одговорна за медиумите и досега никој не најде подобро решение“, вели Кристоф Чабански, оправдувајќи ја владината политика.

Polen Warschau Demonstration Anti-Regierung
Антивладини протести во ВаршаваФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

Новинарите под притисок

За критичките новинари доаѓаат тешки времиња. Некои, кои не се на линија на власта веќе се суспендирани или избркани од работа, како ТВ-модераторката Каролина Левицка. Во интервју со министерот за култура Пјотр Глински таа поставила прашања кои не му се допаднале. Притоа, политичарот и пред камера изјави дека нема да одговара на прашањата „затоа што се работи за пропаганден медиум и на тоа наскоро ќе му дојде крајот“.

И ток-шоуто на Томас Лис- еден од најпознатите полски новинари- наскоро ќе биде укинато. Против новинарот веќе се води подбуцнувачка кампања. Кристоф Чабански ја нарекува неговата емисија „необјективна, пристрасна, контролирана и манипулативна“, а модераторот го нарече „функционер на пропагандата“. Дури и шефот на тајната служба Мариус Камински се изјасни за Лис: „Неговото име го симболизира лошото, а тој настапува на јавен сервис финансиран од пари на граѓаните“.

„Кога политичарите ќе почнат да ги навредуваат новинарите како пропагандисти и им се закануваат со откази, тоа е првиот чекор кон автоцензура“, вели претседателката на сегашниот Совет на медиумите, Карина Твардовска. Тоа може да води и кон агресивно однесување кон новинарите, сметаат во ова тело.

Polen Jaroslaw Kaczynski und Beata Szydlo
На тврд националистички курс: Јарослав Качински и Беата ШидлоФотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzynski

Дека тоа не се само празни зборови, потврдуваат и бројни примери. Новинарите се честа цел на напади за време на демонстрации, а модераторот Лис добива и јавни закани. Некои Тв куќи организираат и обезбедување за своите новинари за време на покривањето на јавни настани.

Ограничување на странските изданија

Последниот чекор од реформата се најавува дека ќе биде ограничувањето на странските медиумски изданија во Полска. Ова ограничувањето ќе биде насочено пред сѐ кон германските издавачи кои се многу активни во Полска. Владините членови говорат за „реполонизација“ на медиумската сцена. И тоа ќе се презема од името од националните интереси- но се уште не се познати детали. Реформите треба да бидат претставени најдоцна на почетокот на јануари.