Ѓорчев: Татковината останува во сигурни раце
27 април 2014„Никола Груевски останува премиер на Македонија. Татковината останува во сигурни раце. Исто така Ѓорге Иванов останува претседател на Република Македонија“, изјави на вечерашната прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој соопшти дека кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во дијаспората освоиле најмногу гласови. „Во текот на саботата имавме убедлив резултат во Австралија, резултатот беше 4 проценти за кандидатот за СДСМ и 91 процент за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Во Европа имаше голема излезност и битка, но огромен број ја покажаа приврзаноста, ВМРО-ДПМНЕ имаше 53 проценти. Во Северна Америка резултатот беше 5 проценти за СДСМ, 26 проценти за ДУИ а за ВМРО-ДПМНЕ 60 проценти“, изјави Ѓорчев.
Соопштувајќи ги резултатите од петте изборни единици, Ѓорчев упати и благодарност до сите граѓани кои го дале својот глас за коалицијата „За подобра Македонија“.
Македонските медиуми веќе ги објавија и првичните прогнози за тоа колку пратенички места освоија партиите. Според овие прогнози партијата ВМРО-ДПМНЕ освоила 316.000 гласови наспрема 181.000 на СДСМ односно владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во новиот состав на парламентот ќе има 63 пратеници, СДСМ - 34, ДУИ -18, ДПА -6, партијата ГРОМ 1,а НДП 1 пратеничко место.
Што се однесува до претседателските избори, проценките се дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов освоил 377.00 гласови, додека кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски 278.000 гласови.