1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓорге Иванов ја презеде должноста

12 мај 2009

Ѓорге Иванов, со потпишувањето на свечената изјава дека во наредните пет години совесно и одговорно ќе ја води државата, попладнево и формално ја презеде должноста претседател на Република Македонија.

https://p.dw.com/p/HoMs
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Иванов, во првото обраќање пред пратениците и присутните гости на неговата инаугурација во македонското Собрание, вети дека ќе даде се‘ од себе и ќе го вложи целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на држава и граѓаните.

„Ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон нашето најголемо национално богатство – добрите односи меѓу заедниците и меѓу граѓаните. Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди“, истакна Иванов, додавајќи: „Сакам јасно да порачам: Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани.“

Иванов рече дека функцијата претседател за него е пред се‘ должност, која ја презедел пред граѓаните на Македонија. Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики, рече Иванов, посочувајќи дека ќе го вложи целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на државата и граѓаните.

Истакнувајќи го значењето на Македонија како срце на Балканот, тој посочи дека таа „е алка која ги обединува световите и треба да претставува најважна европска точка која ќе произведе не само балканско, туку и европско помирување на Истокот и Западот, на христијанството и исламот, на сите разновидни култури што го чинат Балканот и Европа побогати“.

Особено внимание на односите со Грција

Особено внимание, како што наведе Иванов ќе посвети на односите со Грција: „Ќе сторам се односите меѓу двете земји да се развиваат во духот на добрососедството и заемната доверба. Несомнено е дека споделуваме заеднички европски вредности, го сонуваме истиот европски сон, го разбираме Балканот како колевка на европската култура“, истакна новиот македонски претседател. Нагласи дека е длабоко убеден оти дел од прашањата што ги обременуваат односите меѓу двете соседни држави, а особено културата и традициите, имаат капацитет да бидат мост на соработка и промотор на нов циклус на просперитет во регионот.

Mazedonien Wahl Ivanov
Иванов е за „еднаква отвореност“ на Македонија кон сите во регионотФотографија: AP

Иванов исткана дека ќе продолжи да работи кон јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство со пријателите и сојузници - САД, земјите на Европската унија, Турција, но и Русија, Кина, Индија и уште многу други земји.

„Како Претседател на Република Македонија и на сите нејзини граѓани должен сум да потсетам и нагласам: Наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома. Затоа сме должни да опстанеме на патот на реформите и на изградбата на модерно, силно, здраво, конкурентно и просперитетно општество“, истакна новиот шеф на државата.

Основа на тоа, додаде тој, се функционалната пазарна економија и демократијата. „Првото го градиме и мораме да продолжиме да го градиме преку сериозни и стратешки инвестиции во образованието и науката, во развој и примена на современите технологии и натпреварувачкиот и претприемачкиот дух на младите генерации. Второто и најсуштественото за нашиот просперитет е демократијата. Неа мора љубоморно и будно да ја чуваме. Како претседател силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин“, истакна Иванов.

Präsidentschaftskandidat Geogi Ivanov in Mazedonien
Новиот претседател вети дека ќе ја поттикнува демократијатаФотографија: AP

Тој рече дека ќе се залага за остварување и почитување на културните, образовните, религиозните и другите права на македонските граѓани. Истовремено, преку владеењето на правото и поддршката на анти-корупциските закони и политики, посочи тој, сите мора да придонесуваат кон зајакнување на иституционалниот капацитет.

Порака за оптимизам и успех

„И како професор и како граѓанин бев увереден дека цврстата волја на нашиот народ е она што не водеше низ сите предизвици. Како претседател ми претставува чест да водам еден народ со толкава морална и духовна сила. Македонија со целата своја разноликост, со богатството на култури, политички идеи, на силни поединци и независни институции треба да вообличи и испрати единствена порака во светот. Таа порака е оптимизам и успех“, рече Иванов.

Македонија, рече меѓу другото Иванов, се издигна во светол пример на отворено и мултикултурно општество, им остана достојна на своите традиции и вредности споделени од сите македонски граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци.

„Затоа, единството и виталноста на македонското општество не се потпираат врз владеење на посилниот или побројниот, туку на учеството на сите заедници и сите граѓани во функционирањето на државата и во развојот на општеството, смета Иванов. Како претседател, додаде тој, ќе се залагам за градењето доверба и пријателство меѓу сите граѓани и ќе ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон добрите односи меѓу заедниците и меѓу граѓаните“, рече Иванов, додавјќи: „Во овие осумнаесет години имавме многу предизвици, и со надминувањето на секој од нив докажавме дека ја заслужуваме својата слобода и слободата на нашата Македонија. Република Македонија секогаш ја следи онаа принципиелна логика искажана од Бетовен: Не знам за други видови на надмоќ, освен добрината“, наведе во својот прв говор новиот македонски претседател.

Иванов им се заблагодари на поранешните македонски претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски за нивните напори, подвизи и за нивното водство.

Инаугурацијата на новиот претседател на Република Македонија ја следеа и неколкумина странски државници, меѓу кои и хрватскиот претседател Стипе Месиќ, српскиот Борис Тадиќ, албанскиот Бамир Топи и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, со кои Иванов попладнево ќе има билатерални средби.

По свечената седница има коктел во Кристалната сала, по што следува и „претседателското кафе“ на новиот претседател Иванов и досегашниот Црвенковски.

Принцип на еднаква отвореност

„Кон надворешната политика имаше дистанца досега. Знаете, концептот на нашата еквидистанца создаваше еднаква оддалеченост од сите. Јас го промовирам принципот на еднаква отвореност кон сите, бидејќи мораме да бидеме отворени за да можеме да комуницираме со регионот“ - овој принцип Иванов го промовираше на стартот од изборната кампања.

Утре, новиот претседател ќе се промовира во државник со посета на Брисел, заедно со премиерот Никола Груевски и вицепремиерите - Ивица Боцевски и Абдулаким Адеми, но без многу соговорници во Брисел. Потоа, најверојатно, прва државничка посета ќе биде престојот во Љубљана и средбата со словенечкиот претседател.

Mazedonien Djordje Ivanov wird Präsident
Иванов: „Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓаниФотографија: AP

Односите со Косово се избалансирани. Прв државник кого Иванов во Скопје ќе го дочека по преземањето на должноста, ќе биде претседателот Фатмир Сејдиу, кој, сепак, не е поканет на денешната свеченост. Овој дипломатски компромис ги смири дел од внатрепартиските и етнички тензии. Лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на Нова демократија, Имер Селмани ќе го следат првиот претседателски говор на Иванов во Парламентот. Таму ќе отсуствуваат ДПА и Мендух Тачи.

Во кабинетот на претседателот да има експерти Албанци

Претседателот Иванов ќе го започне мандатот и со дел од кадрите од претседателот во заминување, Црвенковски. Нема најава кој ќе го води Советот за национална безбедност или кој ќе биде директор на Агенцијата за разузнавање, или, можеби, кој ќе биде советник за надворешно-политички прашања, во чиј центар се сепак евроатлантските интеграции и решавањето на грчко-македонскиот спор.

„Мислам дека е многу значајно Албанците навистина да имаат место и во кабинетот на Претседателот, тоа е значајно, значајна порака до нив“, изјави Теута Арифи, потпретседател на ДУИ, чиј лидер Ахмети неодамна побара, а претседателот Иванов позитивно одговори - учество на експерти Албанци во кабинетот на шефот на државата.


Автор: Александар Чомовски / миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска