Штрајк во Луфтханза: Жеравот ги собра крилата
22 април 2013Синдикатот Верди најави дека штрајкот на персоналот на земја ќе трае цел ден. Поради тоа, Луфтханза гиоткажа речиси сите летови - од вкупно 1720 планирани летови, денеска ќе се реализираат само 32. Се штрајкува, меѓу другото, на аеродромот во Франкфурт, како и во Хамбург, Минхен, Штутгарт, Хановер, Диселдорф и Келн. На Штутгартскиот аеродром вработените во Луфтханза-Техника стапија во штрајк уште вчеравечер.
„Се‘ што е во возна состојба - на шини!“
Особено се погодени линиите во Германија и во Европа. На патниците им се препорачува навреме да се информираат за статусот на својот лет. Германската железница поради штрајкот во Луфтханза стави на располагање дополнителен број возови и персонал. „На шини ќе ставиме се‘ што е во возна состојба“, изјави портпарол на Германски железници. Луфтханза има склучено договор со железницата, па картите за авион можат да се претворат во билети за воз.
Причина за штрајкот на персоналот на земја е „немањето задоволителен предлог од страна на Луфтханза“ ниту во третата рунда тарифни преговори, соопшти синдикатот Верди. Преговорите се водат од крајот на февруари. Верди бара зголемување на платите од 5,2% во рок од 12 месеци и гаранции за работа за 33.000 вработени. Луфтханза пак, има различни понуди за различни профили вработени, а освен тоа, делумно зголемувањето на платите го врзува со постигнатиот успех. Наредната рунда преговори е закажана за крајот на април.