1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагедија на Алпите - шест месеци подоцна

Кристоф Хаселбах / К. Краљевска24 септември 2015

Пред точно половина година авионот на летот 4У9525 се урна на француските Алпи. Копилотот изврши самоубиство со 150 жртви. Иако се извлечени поуки, до денес не се решени сите прашања кои се однесуваат на трагедијата.

https://p.dw.com/p/1GcTs
Фотографија: DW/J. Walter

Сосема обичен лет, така изгледаше. Пред точно шест месеци, на 24 март оваа година, патниците влегоа во Ербасот 320 на Џерманвингс, кој требаше да ги превезе од Барселона до Диселдорф. Повеќето се Германци, меѓу нив цело одделение од гратчето Халтерн. Ниеден од патниците нема да стигне до целта. Над француските Алпи леталото константно губи височина. Тоа долго никој не го забележа.

Единствениот кому нешто можеше и требаше да му биде сомнително и единствениот кој нешто можеше да преземе - во тој момент не е во пилотската кабина. Оди во тоалет. Кога излегува, вратата од кабината е затворена. Копилотот не отвора. Пилотот се’ појако удира по вратата и го повикува својот копилот, на крајот се дере. Неколку минути подоцна е веќе предоцна - авионот е распарчен во судир со планинскиот масив. Сите 150 лица во леталото настрадаа. Станува збор за една од најтешките катастрофи на германското цивилно воздухопловство и голем удар за Луфтханза, на која припаѓа и Џерманвингс.

Скриени проблеми

Дали станува збор за технички проблем? Или копилотот Андреас Лубиц изгубил свест? Експертите прво не се сигурни. Лубиц не испраќа повик за помош, а контролата на летот цело време го слуша неговото рамномерно дишење. Податоците од црната кутија два дена подоцна за првпат укажаа на страшна можност: копилотот свесно ја затворил пилотската кабина и намерно го соборил авионот. Меѓутоа, само една недела потоа сомнежи веќе речиси нема.

Во јавноста излегуваат се‘ повеќе детали од биографијата на Андреас Лубиц. Давесетиседумгодишниот Лубиц со години имал психички проблеми и барал помош од десетици лекари. Пред седум години првпат паднал во тешка депресија и одел на терапија. На крајот сепак добил дозвола за летање. Притоа на Луфтханза и‘ биле познати неговите депресивни фази, за кои се сметало дека припаѓаат на минатото. Ако работодавецот подоцна дознаел дека психичките проблеми не престанале, тоа најверојатно би значело и крај на Лубицовата летачка кариера.

Очигледно е дека младиот човек ја криел својата здравствена состојба. Во неговиот стан иследниците пронајдоа куп искинати уверенија за боледување - лекарите му препорачале да остане дома и на денот на падот на авионот. Најверојатно Лубиц долго размислувал за можноста за спектакуларното самоубиство - во кое нема да биде единствениот кој заминува во смрт. Според податоците на диселдорфското обвинителство, само еден ден пред трагедијата на интернет го истражувал принципот на работата на вратата од пилотската кабина, како и начини за самоубиство.

Andreas Lubitz Germanwings Pilot NEU
Андреас Лубиц ја криел својата здравствена состојбаФотографија: picture alliance/AP Photo

Кавга за отштета

Германските иследници во секој случај вината ја гледаат во Андреас Лубиц, а не во Џерманвингс или Луфтханза. Голем број лекари биле загрижени поради неговата состојба, но не се посомневале дека е можен ваков исход. До работодавецот лекарските наоди не ни доаѓале - Лубиц не ги доставувале своите уверенија за боледување.

Се отвори и прашањето за отштета. Луфтханза на семејствата на загинатите германски државјани паушално им понуди до 50.000 евра, без оглед на можната подоцнежна одлука на судот. Адвокатите на семејствата на жртвите сметаа дека тоа е премалку. Тие сакаат да го префрлат процесот во Соединетите Американски Држави и можеби таму да поднесат тужба - во Америка можат да сметаат на поголема отштета.

Trauerfeier für die Germanwings-Opfer in Le Vernet
Спомен-обележјето во ВернеФотографија: picture-alliance/dpa/A. Jerocki

Последици

Луфтханза оддели15 милиони евра за проекти за одбележување на несреќата - со тие пари треба да се изградат и спомен-обележја во француското село Прад От Блеон, во близина на местото на падот. Моментално постои само една плоча во Верне, на неколку километри подалеку. Семејствата на жртвите и натаму не можат слободно да одат на местото на несреќата, бидејќи некои работи се’ уште не се завршени.

Катастрофата од пред шест месеци веќе имаше консеквенции по безбедносните стандарди. Во Европа, во пилотската кабина веќе не смее да остане само едно лице. Психичката стабилност на пилотот отсега ќе биде под лупа. Како што велат во Здружението на лекари кои се грижат за здравјето на пилотите, психички проблеми нема автоматски да значат и крај на кариерата. На пилотите ќе им биде понудена помош, слично како на оние кои имаат проблеми со алкохоло. Но, за оние кои ги кријат своите психички болести - нема да има милост.