Штајнмајер ја почнува посетата на САД
28 ноември 2005Новиот министер за надворешни работи на Германија од редовите на социјалдемократите, Франк Валтер Штајнмајер, денеска ја почнува својата дводневна посета на САД. Тој ќе престојува во Њујорк и Вашингтон, а целта е да подготви терен за германската канцеларка Ангела Меркел, која наредната година ќе ја посети Белата Куќа.
Штајнмајер ќе се обиде да ги подобри ,, заладените“ германско -американски релации поради противењето на Берлин на војната во Ирак. Сепак, тој во САД ќе ја пренесе и загриженоста во врска со информациите за наводно постоење на тајни затвори на ЦИА во Европа.
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер
Штајнмајер, според планираното, денеска ќе се сретне со генералниот секретар на Он Кофи Анан. Двајцата во Њујорк ќе разговараат за улогата на Германија во реформите на Светската Организација, со оглед на тоа што земјата има за цел да стане постојана членка на Советот за Безбедност на ОН.
Утре Штајнмајер ќе отпатува за Вашингтон, каде ќе се сретне со високи претставници на Белата Куќа, односно американската шефица на дипломатијата Кондолиза Рајс и советникот за безбедност Стивен Хедли.
Германскиот министер за надворешни работи ќе им пренесе на американските авторитети дека новата широка коалиција во Берлин има намера да ги зацврсти врските со САД по периодот на заладените односи поради американската инвазија врз Ирак.
,, Ќе нагласам дека ние остануваме блиски пријатели и сојузници на САД. Ние имаме заедничка историја, а задничките интереси не обединуваат. Меѓу нив се борбата против глобалниот тероризам и против оружјето за масовно уништување, како и стабилизирање на ситуацијата во Авганистан, Блискиот Исток и Ирак“, рече Штајнмајер пред да отпатува за САД.
Тој во САД, исто така, ќе стави на знаење дека Германија нема намера да испраќа војници во Ирак или да врши обука во таа земја. Обуката за ирачката полиција и армија ќе продолжи, но надвор од Ирак.
Освен за ирачкиот пост - воен процес на реконструкција, Штајнмајер на агендата ќе има и други сложени теми. Германија неодамна и се приклучи на групата европски земји кои се огласија против информациите за тајните летови на авиони на ЦИА во Европа. Со авионите наводно биле пренесувани осомничени за тероризам, кои подоцна биле изложени на тортура. Според извештаите на Германската национална телевизија, повеќе од 80 летови на ЦИА, чија дестинација биле тајни затвори во Европа, се случиле над германското небо.
Германскиот политичар од редовите на Демохристијаните, Волфганг Босбах се надева дека тоа прашање ќе се разреши за време на посетата на Штајнмајер на САД.
,, Сакаме добри и пријателски односи со САД. Но тоа не значи дека во билатералните разговори ќе ги избегнеме чувствителните теми. Германскиот министер за надворешни работи ќе го постави прашањето за тајните летови на ЦИА и трансферот на затвореници“.
Ханс Кристијан Штребеле од редовите на Зелените, кои сега се во опозиција, бара таквите летови на ЦИА итно да запрат.
,, Јас лично слушнав од сведоци дека осомничени преку Германија биле превезувани со авиони до затвори каде што биле изложени на тортура. Ваквите наводи се уште не се демантирани“ рече Штребеле.
Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер рече дека ќе се држи до фактите, а не на она што го пишува во весниците. Но тој сепак признава дека извештаите го вклучиле алармот и дека сега треба да се види колку вистина има во објавените информации. Наводите за тајните затвори на ЦИА, според најавите, нема да преовладуваат во официјалните изјави за време на посетата, но тоа прашање дефинитивно ќе се отвори утре, на разговорот очи в очи со Кондолиза Рајс.