Штајнмајер остро го критикува затворањето на границите
28 март 2016Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер во интервју за весниците од медиумската група Функе (Берлинер моргенпост, Брауншвајгер цајтунг, Хамбургер абендблат, Ноје Рур цајтунг, Вестдојче алгемајне цајтунг, Тирингише ландесцајтунг и неколку други помали весници) оцени дека во Европа не може „сопствените проблеми да се решаваат така што ќе се доведат во нужда европските партнери“. „Во Централна Европа доаѓаат помалку бегалци затоа што тие завршуваат во Грција. Таму настана хуманитарна итна ситуација“, вели Штајнмајер во интервјуто.
Според него, без да се договори пакетот мерки за бегалците меѓу ЕУ и Турција, „денес на грчко-македонската граница ќе имавме 100.000 луѓе кои се обидуваат да преживеат во ѓубре и кал“. „Затоа ориентацијата кон надворешните граници на Европа, договорот со Турција и поддршката за Грција се вистинскиот пат“, уверен е германскиот министер за надворешни работи.
Штајнмајер нагласи дека Турција веќе само со оглед на својата географска положба е централен партнер. „Тоа за некои е во ред, за некои не, но тоа е факт кој една одговорна политика мора да го има предвид“, потенцира тој.
Договорот меѓу ЕУ и Турција предвидува сите бегалци кои илегално стигнале во Грција да може да бидат принудно вратени во Турција. Само лицата кои може да докажат дека во Турција се прогонувани, смеат да останат во Грција. Во замена за тоа, ЕУ изрази подготвеност од Турција легално да преземе 72.000 сириски бегалци.
Според проценки на Кризниот шптаб во Атина, во моментов во Грција има повеќе од 50.000 бегалци, од кои само во Идомени околу 12.000. Иако гласините за отврарње на границата за време на викендот не се обистинија, а протестите организирани од страна на активисти останаа без успех, само два автобуса со бегалци го напуштија Идомени и заминаа во внатрешноста на Грција, во организирани кампови, јави изутринава грчката телевизија Скај.
Вчера во Идомени дојде до безредија откако непознати лица рашириле гласини дека Германија ќе прими илјадници бегалци и дека затоа границата ќе биде отворена. Полицијата на арапски и на фарси јазик информираше дека ваквите гласини не се точни, велат очевидци. Грција во Идомени има ставено на располагање автобуси со кои бегалците можат бесплатно да бидат префрлени во организирани прифатни центри за бегалци. Сепак, најголемиот број од оние кои се во Идомени се надеваат и натаму на отворање на грчко-македонската граница.