1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер: Хрватска - модел за регионот на Западен Балкан

10 март 2004
https://p.dw.com/p/AdHC
Новиот хрватски премиер Иво Санадер денеска му беше гостин на германскиот канцелар во Берлин. Герхард Шредер не само што му приреди пречек со војнички почести и ручек по разговорите, туку му пренесе и пораки што Санадер можеше само да ги посака.

"Се раководиме од сознанието дека Хрватска е политички и економски стабилна, што и не е само по себе разбирливо во регионот кој не спаѓа меѓу најстабилните во Европа, и затоа ќе може да преземе предводничка улога за стабилизација на целиот регион на Западен Балкан, да биде некој вид модел, поради што ЕУ ги има сите причини да поддржи таков стабилизирачки развој" - рече канцеларот на прес-конференцијата по разговорите. Шредер ја нагласи германската поддршка за желбата на Хрватска што побргу да добие статус на официјален кандидат за членство во ЕУ, го искажа задоволството од сознанието дека таа земја сака да ја прошири соработката со судот во Ден Хаг и рече оти тоа ќе помогне Комисијата на ЕУ да дојде до соодветни оцени за ситуацијата во Хрватска и до убедување дека земјата ќе стори се' што е потребно за своето приближување до Унијата.

Гостинот од Загреб беше очигледно задоволен од разговорите и нагласи: "Ние очекуваме до јуни, значи уште за време на ирското претседателство со Унијата, да добиеме и статус на кандидат, што ќе биде важно не само за Хрватска, туку и за другите земји во регионот да видат дека навистина може да се достигне европската цел"- рече Санадер.

Хрватскиот премиер го покани канцеларот Шредер годишниот одмор да го мине на хрватскиот брег на Јадранот.