1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер се раздели од СПД

21 март 2004
https://p.dw.com/p/AdGd
Во Берлин се одржува вонреден конгрес на Социјалдемократската партија на Германија на кој ќе бидат избрани нов претседател и генерален секретар. Кандидати се Франц Минтерферинг за функцијата претседател и Клаус Уве Бенетер за генерален секретар. Ова е првпат во историјата на повоена Германија еден сојузен канцелар да ја напушта лидерската позиција во партијата додека е шеф на владата. Герхард Шредер, јавуваат агенциите, се прости од партијата со инспиративен говор и со солзи во очите. На вонредниот конгрес на партијата во Берлин, Шредер им се заблагодари на неговите сопартијци за поддршката во изминатите пет години. Шредер изјави дека на таа позиција бил во проклето тешко време. "Разделбата од претседателската функција ми паѓа многу тешко, но горд сум што можев да бидам претседател на најголемата и најстара демократска партија во Германија. За многумина не бев лесен претседател" изјави Шредер и додаде: "Предавањето на претседателската функција секогаш е нов почеток. Но, оваа промена на функцијата не менува ништо во тоа дека нашата политика е неопходна и исправна. Јас и Франц сме единствени: го задржуваме договорениот курс и нема ништо да се менува. Патот што го договоривме со агендата 2010 заеднички консеквентно ќе го спроведуваме".

Шредер го бранеше и герамнското "не" за војната во Ирак. Германија како суверена држава се избори за правото да каже "не" кога не е убедена во смислата на воена интервенција. Политиката што ја водевме тогаш не не ослаби, туку го направи веродостен гласот на Германија во светот", изјави Шредер. Неговиот говор беше проследен со четирминутни овации. На денешниот конгрес за нов претседател на СПД треба да биде избран досегашниот шеф на фракцијата на партијата во Бундестагот Франц Минтерферинг. Тој ќе биде деветтиот партиски претседател по војната и ја презема партијата во фаза во која иако на чело на владата е нејзин човек, не ужива посебни симпатии на избирачите. Анкетите покажуваат рејтинг од помалку од 30 насто, илјадници членови ја напуштија партијата, нејзини членови блиски до синдикатот најавуваат формирање нова партија лево од СПД. 64-годишшниот Минтерферинг важи за човек близок до базата кој сочуствува со неа и има слух за проблемите. Но, како верен следбеник на Шредер и самиот изјавува дека патот на реформите ќе продолжи. Дали ќе му успее да ја врати партијата од длабоката депресија останува да се види.