1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија подобро организирана против тероризмот

Марк Кох11 март 2009

Шпанија добро се опреми за борба против теророт и по нападите од пред пет години се спречени најмалку пет други планирани акции.

https://p.dw.com/p/H9hy
Споменик за жртвите од терористичките нападиФотографија: picture-alliance/dpa

Мадрид, 11 март 2004. Како и секое утро, преполнетиот локален воз полека влегува во станицата Аточа. Одненадеж - експлозија. Во наредните три минути во четири различни возови експлодираат десет бомби сместени во ранци. Сирени, паника, хеликоптери над градот. Билансот од терористичките напади: 192 загинати, речиси две илјади ранети луѓе.

Пет години по атентатите, Шпанија и натаму останува мета за терористите, но во меѓувреме во земјата се реорганизирани службите за борба против теророт и во разни акции досега се уапсени повеќе од 370 лица кои имале врски со меѓународниот тероризам. Националниот центар за координација на антитерористичките мерки во Шпанија се наоѓа во северозападниот дел на Мадрид, во блиндирана зграда со дебела челична порта. Тука се чуваат податоци, генетички материјал, фалсификувани документи, остатоци од експлозиви. Десетици научници го анализираат тој материјал, со цел да се биде чекор пред можните атентатори.

Зголемена опасност

По нападите од пред пет години опасноста за Шпанија уште повеќе се зголеми, вели шефот на една антитерористичка единица: „Теориски ние се наоѓаме на највисоко ниво на загрозеност, на многу повисоко отколку во 2004 година. Шпанија и натаму е мета на исламскиот терор, речиси нема видео од Ал Каеда, во кое не е спомната“.

Полицијата во изминатите години успеа да спречи најмалку пет атентати. Но, Шпанија не е само цел, туку и логистичко свртувалиште во која се подготвуваат напади ширум светот, се врбуваат и идеолошки се образуваат исламистички борци. Многу траги на теророт водат кон Каталонија - атентатите од индискиот град Мумбаи се подготвувани од Пакистанец, кој со години живеел во Барселона како наводен бизнисмен. „Битни задачи на кои им се посветуваат тие групи во Шпанија се создавање мрежи, кои се занимаваат со фалсификување документи, испраќање пари, прифаќање и криење на членови на други терористички мрежи“, вели истражниот судија Балтазар Гарсон.

Galerie Anschläge in Madrid Zug Rettungsmannschaft
Шпанија беше во шок по нападите на возовите во МадридФотографија: AP

Нова соработка на службите

Шпанските безбедносни власти започнаа да соработуваат меѓу себе дури по нападите од 11 март пред пет години. Тогаш имаше 100 специјалисти за проблематиката на исламскиот терор, денес се 13 пати повеќе. Дури сега податоци и информации се разменуваат на таков начин, што тие можат да бидат употребливи. Истовремено Шпанија ја прошири соработката и со други земји во борбата против теророт. „Меѓународната соработка е апсолутно битна. Оти, ние работиме со многу индиции, што често пати доаѓаат од други држави, кои мораат да не информираат за тоа“, илустрира државниот обвинител Долорес Делгадо.

Но, и покрај се’, борбата против теророт е екстремно тешка - терористичките ќелии се се’ помали, понезависни и позатворени. Речиси е неможно во нив полицијата да уфрли свои луѓе. Поради тоа луѓето што се борат против теророт немаат илузии: „Ако токму сега и овде не се случува атентат, е оти тие не можат. На борците против теророт им останува само секогаш да бидат чекот побрзи“.