Шпанија жали за крајот на „фудбалската династија“
19 јуни 2014Поранешниот светски првак Шпанија загуби синоќа со 2:0 од Чиле. Со тоа славните денови на шпанскиот национален фудбалски тим одат во историските книги. За разлика од минатонеделниот пораз од 5:1 од Холандија, кога веста беше на сите насловни страници, вториот дебакл повеќе е забележан на внатрешните страници во весниците.
Водечкиот шпански весник „Ел паис“ забележува дека наместо со кралски прием шпанскиот фудбалски тим „ја заврши својата бајка на најужасен начин – во светот на фијаското“.
Шпанскиот национален фудбалски тим беше неспорен крал на глобалниот фудбал во минатите шест години. Шпанија ги освои европските шампионати во 2008 и 2012 година, како и Светскиот куп во Јужна Африка. Но, супериорноста на тимот повеќе ја нема, а тој со текот на годините и остаре, па му е потребно обновување со млади играчи. „Судир! Крај на уникатната генерација“, забележува спортскиот весник „Марка“ и додава: „Ужасен крај на најславната ера. Збогум златни години“.
Шпанија со синоќешниот пораз стана третиот шампион кој во последните четири Светски првенства е елиминиран во натпреварите по групи. Со ова со сигурност ќе биде ставен крај на долгогодишните меѓународни кариери на Чави Хернандез, Икер Касиљас и Чаби Алонсо.
А, првиот голман на шпанската репрезентација, Икер Касиљас, разочаран од елиминацијата побара прошка од навивачите на „Црвената фурија“.
„Кога на Светско првенство ќе ги изгубите првите два натпревара, тогаш се‘ е јасно. Бараме прошка од навивачите. Се обидовме повторно да ги направиме среќни, но не успеавме. Многу ни е тешко поради тоа. Сите сме разочарани“, истакна Касиљас. Тој по синоќешниот пораз од Чиле рече дека се’ уште не знае дали ќе си замине од репрезентацијата.
„Дали е ова мојот последен репрезентативен настап? Не знам, ќе видиме. Овој состав не заслужува ваков крај. Сега мораме да ја победиме Австралија, а честитки за Чиле кој заслужено оди во следната фаза. Тоа е фудбалот. Некогаш се победува, ама и се губи“, додаде Касиљас.
Шпанските медиуми забележуваат големи грешки во играта на националниот тим, како и дека во него се чувствувала „скршеност, исцрпеност“.