1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на Пентагон го губи трпението кон Пакистан

ЖА/дв/миа7 јуни 2012

По најновиот бран насилство во Авганистан, министерот за одбрана на САД Леон Панета допатува на советувања во Кабул. Тој го предупреди Пакистан поради прибежиштата што им ги дава на бунтовниците од соседен Авганистан.

https://p.dw.com/p/15A3x
Фотографија: dapd

Леон Панета од блиц-посетата на Кабул испрати две пораки-првата: Вашингтон останува на планираното повлекување на трупите без оглед што ќе се случи во Авганистан. Втората: САД полека го губат трпението кон Пакистан.

Ова е најострата формулација, употребена од американски владин претставник како опис на затегнатите односи на САД со Пакистан.

Панета изјавата ја даде во Кабул, каде пристигна на разговори со воените команданти во момент на ескалирачко насилство во војната против талибанците и серијата смртоносни инциденти, како што беше вчерашниот воздушен напад на НАТО во кој се тврди дека се убиени 18 селани.

Afghanistan Kabul US-Verteidigungsminister Leon Panetta
Фотографија: dapd

САД одамна вршат притисок врз Пакистан да направи повеќе за да помогне во војната против талибанците, но односите меѓу двете земји претрпеа серија од удари, особено по едностраната акција на американските командоси во која беше ликвидиран лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен и која го понижи Исламабад.

„Тешко е да се постигне мир во Авганистан, додека има прибежишта за терористите во Пакистан. Тоа е сериозен проблем и нашето трпение се исцрпува“, изјави Панета.

Соработката на Пакистан се смета за судбоносна во напорите на САД да го стабилизираат Авганистан пред повеќето странски борбени единици да се повлечат од таму, на крајот на 2014. година.

Пакистан има традиционално силни врски со авганистанските талибанци и другите радикални групи. Во моментов пакистанскиот парламент изработува препораки за врските со Вашингтон, вклучувајќи и за запирање на нападите со беспилотни летала, што ги нервираат поголемиот дел од Пакистанците.