1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефицата слави - Ангела Меркел полни 60 години

Кај-Александер Шолц / Александар Методијев17 јули 2014

Ангела Меркел важи за водечка меѓународна фигура. За оваа моќ таа одново и одново се бореше - прво во сопствената земја, а потоа и во Европа. Со тоа Германија доби водечка улога во светот.

https://p.dw.com/p/1Ce8R
Фотографија: Reuters

Ангела Меркел - предводничката на Европа? Тоа пред неколку години беше тешко замисливо во Германија. Во првите години од сега веќе речиси деветгодишниот канцеларски мандат се почесто се поставуваше прашањето дали таа, како жена од Источна Германија, без поддршка од моќна сојузна покраина, е воопшто дорасната за службата?

Но, германскиот режисер во Холивуд Роланд Емерих очигледно уште претходно беше воодушевен од Меркел, па во неговиот блокбастер „2012“, кој се снимаше во септември 2008 година, тој неа ја претставува како го спасува човештвото од пропаста на светот со помош на модерни Ноеви арки. Еден од тие бродови, кој е за Европа, е управуван од Меркел. Таа во филмот зборува од командниот пулт во име на другите земји. Тоа беше храбар момент во сценариото, оти во тој момент воопшто не беше јасно дали Меркел повторно ќе ги добие изборите за Бундестагот во 2009 година.

Емерих беше во право со неговата прогноза. Меркел стана водечка политичарка во Европа. И не само тоа. Во мај годинава таа е прогласена за „најуспешна жена во светот“ од страна на американскиот магазин „Форбс“ - и тоа четврти пат по ред. И њујоршкиот магазин „Тајм“ ја вбројува Меркел во 100-те највлијателни луѓе ширум светот - и тоа веќе шести пат.

Ветувањата на Меркел

Овој успех Меркел ќе го немаше ако не беше успешна дома. Тоа го покажува високиот рејтинг што таа со години го имамеѓу народот. Таа и натаму ја предводи листата на омилени германски политичари на германскиот магазин „Дер Шпигел“

Angela Merkel und Helmut Kohl CDU Parteitag am 16.12.1991
Од „девојчето“ на Хелмут Кол до најмоќната политичарка во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

Млади луѓе кои не се ислучиво гласачи или членови на нејзината партија - ЦДУ, ја означуваат 60-годишната политичарка како нивен пример. Човек ќе се праша - зошто е ова вака? Одговорот често гласи - Меркел е толку автентична и таа значително не се промени и покрај нејзиното изобилство на моќ. Таа не е шоу-тип, понекогаш не е флексибилна, малку покажува емоции и секогаш е ориентирна кон работите што треба да се решат.

Надворешно таа со годините зрачеше со стабилност. Облеката и фризурата само внимателно ја менуваше. Таа им се понуди на Германците да ги води како сигурен пилот низ кризните години. Кон тоа одговара нејзината централна порака: Германија треба да излезе од кризата подобра отколку што беше. Планот се спроведе - стапката на невработеност е ниска, а економскиот раст е добар.

На прашањето кој би требал еден ден да ја наследи, некои од нејзините сопартијци тресат глава, оти јавно нема ниту еден можен наследник. Како можна наследничка се споменува Урсула фон дер Лајен, актуелната министерка за одбрана, ама таа во сопствената партија е спорна. Германија со Ангела Меркел на врвот за многумина стана нешто како нормална состојба.

Fußball WM 2014 Finale Argentinien Deutschland
Меркел е во тесна комуникација со Путин поради украинската криза, па се користи секоја прилика за разговори, како овде - за време на финалето на Светското првенство во БразилФотографија: AFP/Getty Images

Нова одговорност и нова работа?

Германија прави големи чекори, а има буџет без нови долгови. Еврокризата е оставена зад себе и Германија покрај со учеството во нејзиното надминување, на меѓународна сцена ја зацврсти својата улога и преку украинската криза или скандалот со НСА. Меркел заедно со министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер посредува меѓу Москва, Киев, Берлин, Брисел и Вашингтон. Така беше избегната поголема ексалација на кризата.

Во берлинскиот кварт каде се наоѓа владата од пред извесно време кружи гласина дека школуваната физичарка сака да стави крај на канцеларската функција во 2017 година и да ја замени својата работа. Како една опција се наведува позицијата генерална секретарка на ОН. Меркел тоа го демантира. Јавно не се зборува за такви планови од политички и стратешки причини. Но, тоа би можело да се замисли. Позицијата треба да биде пополнета со човек од Европа, па ОН чекаат со копнеж шеф кој ќе може да ги спроведе неопходните реформи.