Швајцарски фудбалер исфрлен од Олимпијада
31 јули 2012Швајцарскиот фудбалер, Микел Морганела, во понеделникот (30.07) е исфрлен од Олимписките игри во Лондон, откако на социјалната мрежа Твитер поставил расистички коментар. „Морганела го дискриминирал, навредил и го повредил достоинството на репрезентацијата на Јужна Кореја и нејзиниот народ. За него овие Олимписки игри се завршени“, рече шефот на олимпискиот тим на Швајцарија, Жан Жили. Швајцарскиот фудбалер навредливата порака ја поставил по поразот на неговиот тим од 2:1 во дуелот против Јужна Кореја.
Во меѓувреме, пораката е избришана од неговиот Твитер профил.
Морганела е вториот спортист кој поради расистички коментар на Твитер е отстранет од ОИ. Грчката атлетичарка Вулу Папахристу беше исфрлена од Игрите во Лондон поради коментарите за емигрантите од Африка.