Човештината како основен идентитет
13 април 2019Легитимно е да не се согласувате со политиката на премиерот, и легитимно е да го критикувате за тоа. Но, монструозно е тоа да го правите преку тешка навреда и стигматизирање на деца со Даунов синдром, како што направи извесен Јане Хаџиевски, по професија - психотерапевт! Под фотографијата на премиерот Заев кој е во друштво со деца со Даунов синдром, тој на Фејсбук напиша: „Конечно во друштво со интелектуално рамноправни на себе“.
Мора да било многу големо тоа количество на злоба, омраза, слепило, безумност и фрустрации што го зафатило пишувачот на пораката, штом на јавна сцена се дисквалификуваше и како психотерапевт, и како човек. Комората на психолози, чиј член бил тој (какви ли се критериумите), остро ги осуди и се огради од неговите навредливи и дискриминирачки ставови, најавувајќи итна седница на која ќе се дискутира за настанот и ќе се преземат мерки согласно со етичкиот кодекс на психолозите. Како што пренесоа медиуми, тој потоа се извинил: „Им се извинувам на сите оние кои несакајќи го засегнав со користење на погрешниот контекст“.
Ова не е извинување, туку само фрлање прав во очите на јавноста, бидејќи во овој случај не постои „погрешен контекст“. Фотографијата не е повеќезначна, за да може пораката да добива и разни други контексти, меѓу кои и „погрешен“.
Таа фотографија е еднозначна, и затоа да не се лажеме: единственото ПОГРЕШНО во овој случај, е личната перцепција на Хаџиевски за децата со Даунов синдром. Тој ги смета за интелектуално поткапацитетни, па понесен од таа заблуда, решил да ја употреби за компарабилна оценка дека премиерот „конечно е во друштво со интелектуално рамноправни на себе“.
Кога ова лице не би било толку заслепено од омраза и стереотипи, ќе можело да даде јасна политичка критика, но без да инволвира лица кои не учествуваат во креирањето на таа политика. Немало да се дискредитира ни професионално, а уште поважно - ни човечки, имајќи предвид дека она што е најмногу убиено во Македонија е „човештината“. Според природата на неговата работа, токму тој би требало да има огромен увид во тешките последиците од нејзиното убивање, а не и самиот да стане соучесник во таков грд и срамен начин.
Особено што знаел дека таа фотографија е сведоштво од еден исклучително значаен настан: прием на децата кои се вратија од серија светски натпревари и од Специјалната олимпијада со еден куп медали. Тие деца ја претставуваа и афирмираа на нашата земја. Заради нивното освоено злато на светската спортска сцена се интонираше македонската химна. Заради нивниот ентузијазам се поместуваат границите на она што значи успех. Тие се амбасадори на фер-плеј однесување, разбирање и неправење разлика меѓу луѓето по боја, религија, култура. И на овој раскошен букет од вредности, тој се обиде му истури катран. Кога пишувачот на срамната порака би имал барем малку свест, би знаел дека не е потребно никакво иронизирање со нечија „интелектуална рамноправност“. Бидејќи таа е факт.
„Јас сум поет. Имам две збирки поезија. Имам емисија на „Радио МОФ“. Вежбам карате и одам на танц. Сакам да фотографирам. Јас сум борец за човекови права. Името на мојата девојка е Флоренс, таа е од Лондон. Заедно одиме на танцување, кино, театар...“
Ова беше дел од кусото претставување, во говорот што го одржа во седиштето на Обединетите Нации во март 2016 година, Александар Матовски - Цако, тогашен студент на Правниот факултет во Скопје, сега сигурно веќе дипломиран. Биографија - типична за млад и динамичен човек, со голем број хобија и сфери на интерес. И до тука се е „во ред“. Но, кога ќе се спомне дека Цако е лице со Даунов синдром, почнуваат да се креваат разни рампи во нечии закоравени глави. Во тоа е проблемот, во „(не)рамноправноста“ што ја произведуваме во нашите глави врз основа на надворешното, а не на она што човекот го носи во себе - како потенцијал, можности и љубов.
Тоа Цако јасно го кажа и од говорницата во ОН: „Има стереотипи - те гледаат чудно дека си различен, има посочување и потсмевање - 'види каков е', има сожалување наместо прифаќање“.
Повеќе:
Даунов синдром: Секој мора сам да одлучи
Ако ние сме нивното огледало, би требало да ни биде многу срам од сликата што ја рефлектираме. Многу од формално „интелектуално супериорните“ никогаш нема да имаат можност ни да влезат во ОН, а камоли да одржат говор. За жал, психотерапевтот сигурно ќе влезе, но преку некој од извештаите за скандалозна дискриминација.
И тој, и сите други, треба да бидат свесни дека вклученоста во образовниот систем, социјалната интеграција, но пред сѐ поддршката од околината - е најважна во развојот на децата, кои јас не ги нарекувам „деца со посебни потреби“, туку „деца со посебни можности“. Бидејќи тие го гледаат она што ние не го гледаме, заслепени и заробени од многу стеротипи. Едни на други сме си потребни. Цако во негови стихови ја открива едноставната тајна на успехот: „Човек кога е со љубов, ќе постигне повеќе.“
А, замислете кога покрај нивната, би стигнала и сета наша љубов. Ако сме луѓе, човештината мора да ни биде основниот идентитет.