Човекот кој не сакаше да биде страшливец
31 мај 2016Во неговата куќа во Тројсдорф, меѓу Келн и Бон, Руперт Нојдек на почетокот 90-те во разговор со авторот на овој текст ја тематизираше нужноста од хуманитарна помош во поранешна Југославија. Тогаш ја спомена и помошта за Мостар, град во БиХ кому мултиетничноста во војната му донесе зла судбина. Нојдек беше професионалец во областа на хуманитарната помош. Даваше совети, телефонираше со соработниците во Африка и постојано бараше документи кои потоа ќе ги расфрлаше на каучот пред него. Неговата командна централа, за веројатно најмалата хуманитарна организација во светот, беше неговата кујна. Од тоа место во германската провинција, со децении се мешаше во крупни нешта. Со него секогаш беше и сопругата Кристел.
Кон крајот на 70-те Нојдек беше светска вест. Со товарниот брод „Кап Анамур“ извлече од Кинеското море над 11 илјади Виетнамци. Не сакаше да чека. Сакаше да помогне веднаш. Тоа беше неговиот морален императив.
Во Руанда во 1994 беше сведок на политичкиот цинизам на ткн. „Прв свет“. Француските војници ги евакуираа со воздушна линија „скапоцените белци“, а истребувањето на домашното население непречено продолжи. Јавно го изговараше она што во политиката често се смета за „непријатна вистина“. Почина прерано во 77. година од животот.