1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чистка во Пјонгјанг

Мартин Фриц / Елизабета М. Фиданоска13 декември 2013

Ким Јонг Ун ја зацврстува својата власт. Младиот севернокорејски лидер нареди егзекуција на својот тетин, потег што би требало да ја зголеми лојалноста на армијата и партијата кон Ким.

https://p.dw.com/p/1AYeU
Фотографија: picture alliance / dpa

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил беше погребан пред две години. Тогаш во придружба на неговиот ковчег беа осуммина. На левата страна имаше четворица претставници на армијата, согласно доктрината „прво армијата“. Напред беше првиот човек на армијата Ри Јонг Хо, а зад него министерот за одбрана Ким Јонг Чун. Половина година подоцна, Ри беше сменет од функцијата поради „здравствени проблеми“, а непосредно потоа, според непотврдени извештаи, тој почина при престрелка со припадници на безбедносните служби. Министерот за одбрана Ким ја загуби функцијата по помалку од 4 месеци.

На десната страна од ковчегот беа наредени четворица претставници на партијата и државата. Прв беше Ким Јонг Ун, најмладиот син и наследник на починатиот. Зад него беше зетот на Ким Јонг Ил и тетин на младиот Ким, Јанг Сонг Таек, по кого одеше првиот човек на Националното собрание Ким Јонг Нам. Ако се точни сознанијата на јужнокорејските тајни служби, тогаш Јанг Сонг Таек пред да биде погубен, прво ги предал функциите во државата и партискиот апарат. Тој не беше виден во јавноста уште од почетокот на ноември. Двајца негови соработници беа јавно егзекутирани, наводно поради корупција и анти-партиско делување.

Kim Jong Un und Jang Song-Thaek Begräbnis Kim Jong Il Archiv 2011
Од осумтемина кои одеа покрај ковчегот на Ким Јонг Ил, половината се сменети или погубениФотографија: picture-alliance/dpa/KCNA

Случајот Јанг е посебен

Зад ваквите чистки има систем, оценуваат набљудувачите на севернокорејските случувања. Според јужнокорејски информации, Ким Јонг Ун по преземањето на власта сменил половина од најважните службеници и офицерски кадар. Намерата што се крие зад тоа: новиот раководен персонал веќе не му е лојален на неговиот покоен татко, туку нему. Со истиот метод и Ким Јонг Ил по смртта на својот татко, основачот на Северна Кореја Ким Ил Сунг, си ја осигура својата власт.

Nordkorea Kims Onkel Jang Song Thaek wird verhaftet in Pyongyang
Јанг Сонг Таек беше уапсен пред целото ПолитбироФотографија: picture-alliance/dpa

Но убиството на Јанг е посебен случај. Тој повеќе од 40 години беше во брак со помладата сестра на Ким Јонг Ил, Ким Кијонг Хее. Брачниот пар неофицијално ја водеше Северна Кореја кога Ким Јонг Ил се опоравуваше од мозочниот удар, по што од него ја доби и задачата да ја реализира промената на власта по неговата смрт и да го заштити Ким Јонг Ун од можни интриги и обиди за пуч. Како вицепретседател на Националната комисија за одбрана, Јанг беше број два во хиерархијата, зад младиот Ким, и беше надлежен за односи со најважниот сојузник - Кина.

Kim Jong-Il und Jang Song-Thaek Archiv 2009
Ким Јонг Ил и Јанг Сонг Таек во 2009 годинаФотографија: KCNA/AFP/Getty Images

Подем на Чои Ријонг Хае

Но во текот на оваа година Јанг се‘ поретко се појавуваше на страната на Ким, а неговата сопруга замина на лекување во странство. Новиот властодржец се‘ почесто беше придружуван од Чои Ријонг Хае. Тој беше поставен од страна на Ким за армиски шеф и беше унапреден во вице-маршал. Чои има за задача да го зголеми влијанието на партијата врз армијата. На тој начин тој стана директен противник на Јанг, кој неговаше блиски односи со многу армиски офицери.

Според информации на интернет страницата „Дејли Норт Кореа“, Чои не ужива респект меѓу сите офицери, со оглед на тоа што тој долго време беше само претседател на социјалистичката младина. Јужнокорејската пратеничка Јунг Чунг Рае сепак оценува дека „Јанг очигледно ја загуби борбата со Чои“.

Nordkorea Kim Jong Un Statue Pjöngjang
Чои не ужива респект меѓу сите офицериФотографија: REUTERS/KCNA

Високата позиција на Чои во раководството, според Чеонг Сеонг Чанг од институтот „Сејонг“ во Сеул, произлегува од неговата припадност на линијата на антијапонските партизани во Втората светска војна. Тие семејства, по семејството Ким, се втора најмоќна група во режимот. Поради блиското пријателство на неговата фамилија со Ким, Чои уште на 36-годишна возраст влезе во Централниот комитет. Од 2010 година Чои е единствен член на трите највисоки партиски и армиски тела кој не е доаѓа од семејството Ким.

Нејасна економска политика

Познавачите на состојбите во Северна Кореја сега се обидуваат да проценат каков ќе биде економско-политичкиот курс на земјата. Убиениот тетин на Ким важеше за поборец за економски реформи. Поради тоа, тој во 2004-та година дојде во судир со тогашниот властодржец Ким Јонг Ил и беше ставен во домашен притвор. Но веројатно и младиот Ким одмерува дали да направи економски промени. На пример, платите во текстилната индустрија неодамна беа драстично зголемени за да се поттикне продуктивноста во овој извозен сектор. Ким очигледно сака да привлече и повеќе странски капитал за Северна Кореја да може малку да се еманципира од Кина. Но вистинско економско отворање се чини е неверојатно.

Kaesong Wirtschaftszone Handelszone Nordkorea Südkorea
Економската зона КесонгФотографија: Reuters

Во прилог на тоа зборувваат и планираните 14 специјални економски зони. На тој начин реформите би останале регионално ограничени и под строга контрола на раководството. Истовремено, режимот и натаму ги изолира граѓаните од светот. Границата под палката на Ким е уште повеќе контролирана, а се множат и извештаите за јавни егзекуции на обични граѓани, обвинети за поседување и гледање сапунски серии и филмови од Јужна Кореја.