1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешкиот претседател распламтува страв од бегалците

Штефен Хајнлајн/ард/Ж.А.9 јануари 2016

Се чини дека и во Чешка се продлабочува јазот кон Брисел на одделни теми. Претседателот Милош Земан врши масовна пропаганда против бегалците и исламот. Голем дел од населението ги дели неговите ставови.

https://p.dw.com/p/1Hafx
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Cizek

Полска и Унгарија се мета на критики за постепено оддалечување од централните вредности на Европската унија. Но, се чини дека и во Чешка се продлабочува јазот кон Брисел на одделни теми. Чешкиот претседател Милош Земан врши пропаганда против бегалците и предупредува против исламизација.

„Да живее Земан“, на ваков начин илјадници Чеси гласно го славеа својот државен претседател, кој кон крајот на минатата година беше главен говорник на собирот на движењето „Не сакаме ислам во Чешка“, познато по своите непријателски ставови кон странците. Културата на добредојде кон бегалците во Европа на чешкиот претседател му е трн в око.

„Овој народ заслужува да владее самиот и никој од надвор да не ни пропишува што треба, а што не треба да правиме.“

Tschechien Flüchtlinge treten in Hungerstreik
Бегалци во Чешка штрајкуваа со глад, архива, 10.11.2015Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Nemecek

Во бројни интервјуа претседателот минатите недели дополнително го заостри тонот. Земан упорно ги повторува своите тези: исламот не припаѓа кон Европа, муслиманите не се во состојба да се интегрираат. Осумдесет проценти од бегалците се млади, добро нахранети мажи, се заканува притаено исламизирање:

„Исламските бегалци во нашата земја внесуваат Шеријатско право. Тоа значи каменување на неверните жени, сечење раце на крадците, а нашите убави девојки би морале да носат бурка“.

Претседателот распламтуваше страв од бегалците и во новогодишниот говор. Тој е цврсто убеден: бегалското движење кон Европа не е спонтано настанато, туку е организирана инвазија. Пред неколку дена Милош Земан во уште едно интервју ја потенцираше својата теорија на заговор:

„Муслиманските браќа не само што сакаат да го завладеат целиот муслимански свет, туку и целиот свет. Значи, претпоставувам дека бегалската инвазија ја имаат организирано Муслиманските браќа со финансиска поддршка од повеќе земји.“

Отворениот антиисламизам на претседателот наидува на поддршка од голем дел од населението. Девет од десетмина Чеси во исламизмот гледаат најголема закана за својата држава. Над 80 проценти од граѓаните се плашат од доминација на странците, од отуѓување. Тоа е причината што само малкумина политичари се осмелуваат да влезат во отворена конфронтација со Милош Земан. Остра критика врши единствено министерот за човекови права Јиржи Динстбир:

„Неприфатливо е државниот челник со својот традиционален висок авторитет да се впушта во заеднички работи со екстремистите. Со тоа претседателот подготвува плодна почва за фашистички тенденции во чешкото општество.“

Tschechien Migration
Мигрантите со исламска вера не се добредојдени во ЧешкаФотографија: picture alliance/dpa/P. Nemecek

Реакцијата на премиерот Бохуслав Соботка е значително поуемерна. Неговата земја досега воглавно остана поштедена од последиците на кризата со бегалците. Лани само 71 човек доби траен азил во Чешка. Задолжителната квота за распределба на бегалците, договорена во Брисел, центристичко-левоориентираната влада решително ја отфрла. Затоа, социјалдемократот ги смета за неосновани предупредувачките писоци на претседателот:

„Политичарите не треба да му подлегнат на искушението да одат во лов на гласови преку евтин популизам. Заплашувањето на луѓето е сосем непотребно. Политичарите имаат задача да предлагаат конкретни и прагматични решенија.“

Фактички, претседателот досега со своите гласни повици нема никакво влијание врз работата на владата во Прага. Центристичко-левоориентираната коалиција во областа на бегалската политика се придржува на нагласено прагматичен курс. Без оглед на разликите во тоналитетот, Чешка заедно со своите соседи Полска, Унгарија и Словачка на оваа тема има исто мислење. Четирите источно и централноевропски земји во Брисел притискаат за посилна заштита на европските надворешни граници. Тие заговараат брзо подигање на прифатни центри надвор од Шенгенскиот простор. Целта е стриктно придржување кон Даблинската регулатива и подобрена регистрација на бегалците.